Потребата за социјална инклузија (вклученост) на старите лица во општеството произлезе особено од сознанијата што ги стекна Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија следејќи како функционира пензионерското организирање во денешните услови на дејствување. Социјалното вклучување на старите лица е еден од показателите на нивото на развој на општеството, но исто така и фактор што силно влијае на животот на постарите лица.
Потребата е уште позначајна затоа што нашата држава се соочува со зголемен број на старо население. Прогнозите на Обединетите нации се дека просечното траење на живот во нашата држава континуирано ќе се зголемува во иднина и се очекува просечниот животен век во 2050 година да достигне 79,5 години, односно 33 отсто на старо население на целата територија.
За потребата од инклузија се говореше и на работните средби во здруженијата, извештаите и информациите, како и во дописите од дописниците на весникот „Пензионер плус“.
Заеднички именител беше дека треба да се потикне и поддржи социјалната и меѓугенерациската инклузија на пензионерите во сите сегменти на општественото живеење, бидејќи станува збор на најмасовната целна група во нашата држава.
На средбите и на повеќе сојузи во 2025 и 2026 година во земјите членки на ЕУ, каде што беше поканет да учествува и Сојузот на здруженија на пензионери од Македонија, едногласно беше прифатена европската синтагма „не правете ништо за нас без нас“, како и поддршката на меѓугенерациската соработка на генерациите. Имено, беше забележано дека на законите работат главно помлади луѓе, кои не можат доволно да ги знаат проблемите, тешкотиите, желбите и потребите на старите лица.
Оваа година во тој дел на вклученост на возрасните лица односно пензионерите од страна на Сојузот констатираме дека има поместување во вклученоста на Сојузот во донесувањето одредени закони и други акти (на пр. во постапката на јавна расправа за Законот за здруженија и фондации, како и за некои правилници што се однесуваат на старите лица).
Социјалната и меѓугенерациска инклузија на старите лица е комплексен процес и бара ангажман од сите. Од тоа произлегува констатацијата дека и понатаму се потребни мобилизирање и искористување на сите потенцијали во општеството, а особено на граѓанскиот сектор. Со инклузијата на старите лица во нашето општество се овозможува старите лица да учествуваат во донесување одлуки поврзани со стареењето, подобрувањето на стилот на живеење и друго.
Сето тоа може да се постигне со ангажирање на здруженијата на пензионери членки на Сојузот односно нивните членови, преку помош односно институционална подршка од државата, локалната самоуправа, грантови за надминување на недостатоците во сферата на обезбедување услуги, подобрување на капацитетите на постојните служби, креирање иновативни услуги и спроведување нови иницијативи на ниво на локалните заедници наменети за социјална вклученост на постари лица во сите сфери на општеството.
Инклузијата би се реализирала преку:
• предавања за активно стареење, демографски анализи на бројот на стари лица, користење на искуствата на земји во опкружувањето и пошироко;
• издигнување на свеста за потребата од меѓугенерациска солидарност;
• намалување на предрасудите и намалување на стереотипите;
• поттикнување на старите лица да учествуваат во заштитата и промовирањето на традицијата, обичаите и културата на сите што живеат на овие простори (СЗПМ тоа го прави успешно веќе 30 години);
• превенција, лекување и промоција на здравјето, како и зајакнување на позитивниот однос кон постарите лица и друго;
• информирање и едуцирање на старите лица за нивните права;
• јакнење на свеста на сите во општеството за спречување семејно насилство врз старите лица и друго;
• вклучување на старите лица во еколошки и други активности што се поведуваат на сите нивоа во општеството.
Сојузот има изработено свој проект за социјална инклузија на старите лица во нашето општество според своите програмски определби и цели. Програмата за работа на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија и здруженијата негови членки има цел да се промовираат, да се апострофираат и изложат потребите на пензионерската популација. Во овој контекст треба да се истакне и оствари поголема соработка со центрите за социјална работа, учество на оваа популација во разни трибини, панел-дискусии и друго, каде што се говори за старите лица, вклучувајќи ги и корисниците на пензија.
За подобра инклузија на старите лица преку својот проект за инклузија , Сојузот ги предлага следните насоки:
Поинтензивна вклученост и соработка со општинските центри за социјална работа
– остварување соработка односно информирање на пензионерите како ризична социјална група за правата и бенефициите што може да ги остваруваат преку центрите;
– откривање пензионери што имаат потреба од социјална помош и грижа, особено за пензионери што живеат во далечни рурални средини, давање совети односно подготвување барање до центрите за остварување на соодветното право;
– вклучување на здравите пензионери во активности што ги реализираат центрите (донирање храна, собирање стара облека, донирање дрва за огрев, опфат на пензионери од ризична група со бесплатни вакцини против грип и друго);
– помош на старите лица – вклучувајќи ги и пензионерите, во согласност со дејноста на тие организации како помош и грижа за стари лица и преку разни облици и форми;
– соработката може да се оствари со непосредно склучување меморандуми за соработка преку кои ќе се остварува заемна активност, со вклучување волонтери од ЗП и корисници на услуги – пензионери членови на здружението;
– соработка и вклучување во разгледување прашања поврзани со граѓанските организации на кои активности носители може да бидат СЗПМ и здруженијата на пензионери.
Интензивна соработка со општинскиот, градскиот и републичкиот Црвен крст во грижата за старите лица
– соработка во работата на дневните центри и клубови што ги координира Црвениот крст;
– едукативни предавања на пензионерите за најчестите заболувања во третата доба (дијабетес, хипертензија, респираторни заболувања, Алцхајмерова болест, мозочни удари, малигни заболувања кај двата пола и др.);
– вклучување пензионери-волонтери во откривање пензионери-бездомници на кои во соработка со активисти на Црвениот крст ќе им се даде соодветна помош.
Учество на трибини, панел-дискусии и друго поврзани со пензионерската
популација од активисти на ЗП и СЗПМ
– статус на граѓански организации што се финансираат со сопствени средства, а се оптоваруваат со сопствени обврски;
– подршка на одделни проекти за изградба на пензионерски и старски домови со цени адекватни на пензионерскиот стандард;
– поддршка на проекти што се финансираат од меѓународни организации
(прашања од здравство, пензиско и инвалидско осигурување, прописи од домен на извршување и друго).
Поинтензивно вклучување пензионери-волонтери во разграноците во разни форми на активности
– во голем број статути на ЗП и сега е назначено дека разгранокот треба да води евиденција за стари и болни пензионери, редовно да ги посетува и да им дава соодветна помош, но тоа треба да биде уште понагласено;
– вклучување на разграноците во откривање пензионери со одредени предиспозиции и таленти за учество на ревии на песни, музика и игри, како и во спортски активности организирани од СЗПМ;
– создавање услови за вршење и други форми на спортски и културни активности.
Зголемена активност на:
– активите на пензионерки, која активност се согледува и од Координативното тело на активи на пензионерки на Сојузот;
– комисиите за здравство и социјална заштита во здруженијата и разграноците во инклузивни активности што имаат социјално-хуманитарен карактер;
– зголемена инклузија на активисти од доменот на културата и спортот.
Се надевам дека сето ова ќе придонесе за издигање на свеста во општеството за потребата од зајакнување на социјалната и меѓугенерациската инклузија на старите луѓе во нашето општество, што ќе донесе повеќе бенефиции за сите.
Станка Трајкова
Авторката е претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија
































