Фото: НМ

Скопје денеска одбележува 63 години од катастрофалниот земјотрес што на 26 јули 1963 година однесе 1.070 животи, повреди повеќе од 3.000 лица и остави над 200.000 жители без покрив над главата. Трагедијата засекогаш го промени ликот на градот, но истовремено стана симбол на меѓународната солидарност, пренесе МИА.

Во рамки на одбележувањето, во 10 часот делегација на Собранието, составена од пратениците Сергеј Попов и Даниела Николова, ќе положи венец со свежо цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на градските гробишта во Бутел. Во исто време, цвеќе ќе положат и претставници на Град Скопје во рамки на централното комеморативно чествување.

Вечерната програма започнува во 19.30 часот во Музејот на град Скопје со отворањето на изложбата „63 години – Скопје ’63“, чиј автор е Зоја Богдановска, кустос советник и историчар. Преку автентични фотографии и архивски материјали, изложбата ги прикажува првите часови по земјотресот, сведоштвата на преживеаните и напорите за спасување, ставајќи ги во фокус човечките приказни што ја одбележаа една од најтешките страници во историјата на градот. Поставката ќе стане дел од новата постојана музејска поставка.

Во 20.30 часот ќе биде отворена и изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, составена од досега неприкажани фотографии на Васил Хаџиманов, кои ги документираат погребните и тажачките обреди по катастрофата. Воедно ќе биде промовирано и дополнетото двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“, од авторите Ана Мартиноска и Жарко Иванов.

Одбележувањето ќе заврши со концертот „Скопје радост моја“, посветен на безвременските шлагери на Драган Мијалковски, кој ќе започне во 21 часот кај фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк.

Трагедија што го промени градот

Катастрофалниот земјотрес го погоди Скопје во 5.17 часот наутро, а серија послаби потреси продолжија до 5.43 часот. Во катастрофата беа уништени околу 15.800 станови, оштетени уште 28.000, а повеќе од 200.000 жители останаа без дом.

По земјотресот следуваше невиден бран на меѓународна солидарност. Меѓународниот Црвен крст упати апел за итна хуманитарна помош, додека Интерпарламентарната унија ги повика парламентите и владите ширум светот да се вклучат во обновата на градот. Хуманитарни организации од десетици земји испратија помош, а Обединетите нации презедоа координирани активности за долгорочна реконструкција на Скопје.

На 23 септември 1963 година, 35 држави побараа прашањето за обновата на Скопје да биде ставено на дневен ред на Генералното собрание на Обединетите нации. Само неколку недели подоцна, на 14 октомври, Генералното собрание едногласно усвои Резолуција за помош на тогашната југословенска Влада во реконструкцијата на градот. Тој ден остана запаметен во историјата на Обединетите нации како „Денот на Скопје“.

Град што повторно се издигна

Историјата сведочи дека Скопје повеќепати било разурнувано од силни земјотреси. Античкиот град Скупи, кој се наоѓал меѓу денешните Злокуќани и Бардовци, бил целосно уништен во катастрофалниот земјотрес во 518 година, по што новото Скопје било изградено на денешната локација. Ново големо разурнување градот доживеал и во 1555 година.

Последниот голем земјотрес, на 26 јули 1963 година, со интензитет од IX степени според Меркалиевата и 6,1 степен според Рихтеровата скала, засекогаш го промени изгледот на македонската престолнина.

Денес, Старата железничка станица, претворена во Музеј на град Скопје, останува најпрепознатливиот симбол на трагедијата. Часовникот на нејзината фасада и понатаму стои запрен на 5.17 часот – моментот кога земјотресот го прекина животот на градот. По катастрофата, Скопје започна да се обновува според современ урбанистички концепт, во чие создавање значаен придонес даде и светски познатиот јапонски архитект Кензо Танге.