Едно лице загина, а најмалку 16 се повредени откако возило синоќа влета во толпа луѓе за време на Парадата на гордоста во Берлин. Поради инцидентот, германската полиција ја прекина манифестацијата неколку часа по нејзиниот почеток, пренесе МИА.
Според полицијата, дел од повредените се наоѓаат во животна опасност. На местото веднаш интервенираа екипи на итната медицинска помош и пожарникари, кои им укажуваа помош на повредените.
Во објава на социјалната мрежа „Икс“, полицијата ги повика сите учесници веднаш да го напуштат просторот каде што се одржуваше настанот. Според првичните информации, инцидентот се случил во паркот „Тиргартен“, во непосредна близина на трасата на парадата, кога возилото удрило во повеќе лица.
Парадата, која се одржуваше во центарот на Берлин, пред Бранденбуршката порта, беше официјално прекината во 22:15 часот. Организаторите и полицијата ги повикаа присутните мирно да се разотидат и да го избегнуваат подрачјето на паркот „Тиргартен“.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц побара надлежните институции што побрзо да ги утврдат сите околности поврзани со инцидентот и најави дека одговорните ќе сносат последици.
Градоначалникот на Берлин, Кај Вегнер, го осуди настанот, оценувајќи дека станува збор за напад врз слободното и демократско општество.
„Берлин е град на слободата – а нашата слобода денеска беше нападната на најужасен начин“, напиша Вегнер на социјалната мрежа „Икс“.

































