Интернационален етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“
Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ на годинашново петто издание отвори неколку длабоки и универзални антрополошки прашања преку визуелниот јазик на документаристиката: траумата, меморијата и соочувањето со минатото. Филмовите, кои ги истражуваат лузните што војните и политичките режими ги оставаат врз колективната свест, предизвикаа многу реакции кај публиката. Филмот „И статуите умираат?“ (Унгарија) е сеќавање на комунизмот, во кое во еден унгарски парк со статуи од комунистичката ера, четири деца интервјуираат туристи – и себеси – обидувајќи се да го разберат значењето на сеќавањето.
„Македонецот“ (Полска/Македонија) ја обработува темата на егзодусот на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција. Тој предизвика најмногу емоции и солзи при прикажувањето. Авторот Петро Алексовски ја раскажува судбината на својот татко – дете бегалец. Во 1946 година, кога во Грција избувнува Граѓанската војна, Грчката комунистичка партија им се обраќа на социјалистичките европски земји со барање да ги прифатат децата евакуирани од разорената од војна Грција и да им дадат нов дом. Три илјади и петстотини деца се донесени во Полска. Македонците што живееле во северните делови на Грција сочинувале повеќе од половина од сите деца. Меѓу нив е и малиот Мито Алексовски – таткото на режисерот.
За околу 1.750 македонски деца, Грција ги има затворено своите граници до ден-денес, а единствената причина е што имаат словенски корени. Грција донесе закони со кои им се одзема државјанството на децата и им се забрани да се вратат во својата татковина. Лишен од можноста да се врати дома, протагонистот на филмот се населува во северна Полска, каде што живее до својата смрт. Иако неговиот ум ги признава предностите што ги има неговата евакуација во Полска, како што е стекнувањето образование, неговото срце не може да се справи со копнежот, жалењето и понижувањето. Кога се разделува од мајка си, кажано му е дека наскоро ќе се врати дома.
„Пиштоли и лотоси“ (Камбоџа) е лична приказна на поранешно дете војник. Авторот Грант Хенеси, наспроти живата филмска убавина на камбоџанската сакрална архитектура и бујните тропски предели, во „Пиштоли и лотоси“ го испитува расцепканото општество што останува по ужасот на геноцидот и, кристализирајќи ја мудроста на интервјуираните психолошки, правни, духовни и историски специјалисти, овој документарец презентира многу клучни лекции што се однесуваат на секоја нација што закрепнува од конфликт.
„Пиштоли и лотоси“ го истражува наследството од меѓугенерациската траума следејќи го Суон Ротана (поранешно дете војник на Црвените кмери – претворено во застапник за мир), додека тој патува низ својата ранета татковина за да се соочи со колегите ветерани и преживеани, барајќи самопомирување за својата лична одговорност. Длабоко проткаен со будистичка филозофија, Ротана на крајот од своето патување открива трансформативен мир што повеќе не зависи од неговата околина, туку е самоопределен преку простување. Неговото впечатливо визуелно патување нуди патоказ за движење подалеку од одмаздата кон споделен колективен мир.
Рамката за патувањето на Суон ја обезбедува нашиот сонародник и наратор, Миле Гламчевски, доктор на науки по психологија, магистер по образование, социјална работа и уметност, носител на витештво од кралот на Камбоџа, експерт за ментално здравје со триесетгодишно искуство во Камбоџа. Неговата нарација нуди сочувствителна анализа на личниот развој на Сун и, поуниверзално, на тоа како општествата разурнати од војна можат да развијат алатки за самолекување.
Во регионот Тиграј во Етиопија, документарецот „Силата на тишината“ го следи животот на Летебирхан, 17-годишно девојче чиј живот е скршен од војната. Киднапирана, преживува сексуално насилство и е оставена…
Тука е и филмот „Нови почетоци“ (Франција/Белгија), приказна за виетнамски ветеран во САД. Ветеранот од Виетнамската војна, Ал Мун, живее сам на своите племенски земјишта во Северна Калифорнија. Додека насилството и еколошкото уништување го зафаќаат резерватот, старите анксиозности повторно се појавуваат. Ал нема друг избор, освен да тргне на пат за да се соочи со она што го прогонува и повторно да се соедини со луѓето од својот баталјон. Секоја средба по патот открива поделена земја, која се бори со сопствените рани, што е вознемирувачки одраз на неговите внатрешни превирања. Старите демони повторно се појавуваат како духови. Соочувањето со вистината е најтешкото искушение од сите.
Овие филмови прикажани на ИЕФФ „Илинденски денови“ ја потврдуваат мислата на Едгар Морин за етнографските филмови: „Постојат два начина на замислување на киното на реалноста: првиот е да се тврди дека се прикажува реалноста; вториот е да се постави проблемот на реалноста. Слично на тоа, имаше два начина на замислување на синема-верите. Првиот беше да се тврди дека се носи вистината. Вториот беше да се постави проблемот на вистината“.
Тони Гламчевски






























