Фото: МЕРМС

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), со техничка поддршка од Европската Унија, ја изработи првата национална Водородна студија, стратешки документ што ги анализира можностите за развој на водородниот сектор и ја позиционира Македонија во идната европска енергетска инфраструктура.

Студијата е подготвена со техничка помош финансирана од Европската Унија преку ИПА II програмата, во рамки на Western Balkans Investment Framework (WBIF) и Infrastructure Project Facility 10 (IPF10), како дел од проектот за гасно поврзување меѓу Македонија и Србија.

Од Министерството информираат дека документот првпат на сеопфатен начин ги анализира можностите за производство, транспорт, складирање и користење на зелен водород во енергетиката, индустријата, транспортот и системите за централно греење.

Според анализите, Македонија има реален потенцијал постепено да развива водородна економија и да стане дел од идната европска водородна инфраструктура. Во студијата се наведува дека земјата, заедно со Србија и Грција, има стратешка позиција во рамките на Паневропската водородна мрежа и иницијативата European Hydrogen Backbone.

Посебно се истакнува дека гасната интерконекција со Грција, која е во изградба, е проектирана за транспорт на 100 проценти водород. Истото е предвидено и за идната гасна интерконекција со Србија, која според тендерската документација ќе биде целосно подготвена за транспорт на чист водород.

Според МЕРМС, двете интерконекции ќе претставуваат основа на идната национална водородна мрежа и ќе придонесат за поврзување на земјата со европскиот пазар на водород.

Документот содржи сценарија за развој на водородниот сектор до 2050 година, вклучувајќи интеграција на обновливите извори на енергија, развој на водородни коридори, примена во индустријата и транспортот, како и можностите за намалување на емисиите на стакленички гасови.

Од Министерството оценуваат дека со изработката на оваа студија Македонија се вбројува меѓу ретките земји во регионот што веќе имаат национална стратегиска анализа за развој на водородниот сектор, што претставува значајна предност во процесот на енергетската транзиција и усогласувањето со европските политики.

Воедно, посочуваат дека документот претставува важен чекор кон декарбонизацијата на енергетскиот сектор, привлекувањето нови инвестиции и создавањето одржлив и конкурентен енергетски систем, како и патоказ за позиционирање на Македонија во европската водородна економија.