Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, со поддршка на Светската здравствена организација, денеска организираа работилница за управувањето со боледувањата, со цел да се намали административниот товар, но и да се зајакнат контролите каде што постои ризик од злоупотреби.
Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека целта е да се најде баланс меѓу полесен пристап до боледување и поефикасен систем за контрола, преку вклучување на сите засегнати институции и анализа на искуствата од други европски земји.
Тој информираше дека интегрираните податоци од системот „Мој термин“ покажуваат значителен пораст на кратките боледувања.
– Во 2025 година бројот на боледувања до 30 дена е зголемен за 33 проценти во однос на 2021 година. Тоа значи дека лани биле евидентирани повеќе од 300.000 кратки боледувања. Истовремено, бројот на корисници е зголемен за само шест проценти, што покажува дека просечниот број боледувања по осигуреник пораснал од 1,8 на 2,3 – рече Клековски.
Според него, најчести причини за отворање боледување се респираторните инфекции на горните дишни патишта и гастроентеритисот, за кој во последната година се регистрирани повеќе од 10.000 случаи.
Иако бројот на долги боледувања, односно оние над 30 дена, останува релативно стабилен и изнесува околу 25.000 годишно, значително се зголемиле средствата што се исплаќаат по овој основ.
Клековски потсети дека правилата за боледување не се ревидирани од 2012 година и оцени дека е време да се направи темелна анализа на системот.
Во рамки на работилницата беа презентирани искуства од Србија и Словенија. Србија од почетокот на годинава го воведе системот „Е-боледување“, кој овозможува електронски увид во боледувањата за граѓаните, работодавачите и институциите.
Во Словенија, пак, е воведен таканаречен „режим на движење“, со кој се утврдува што смее, а што не смее да прави лицето додека е на боледување. Мерките вклучуваат забрана за вршење друга работа и остварување дополнителни приходи, како и ограничување за напуштање на државата, освен од медицински причини и со претходно одобрение од Фондот за здравствено осигурување. Дополнително, доколку се утврди злоупотреба, корисникот е должен да го врати исплатениот надоместок.
На работилницата учествуваат претставници на надлежните министерства, Фондот за здравствено осигурување, синдикатите, работодавачите, стопанските комори, Државниот инспекторат за труд, здруженијата на пациенти, лекарските организации и Министерството за дигитална трансформација, со цел да се изготват решенија што ќе обезбедат поефикасен и помалку бирократски систем за управување со боледувањата.































