Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истражна постапка и побара 30-дневен притвор за вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар и двајца раководители во претпријатието, кои се осомничени дека со нелегално поставување пумпи во преливната комора во Вруток предизвикале загадување на водата за пиење со која се снабдува Гостивар, пренесе МИА.
Ова беше соопштено на брифинг во Основното јавно обвинителство Гостивар, на кој присуствуваа државниот јавен обвинител Ненад Савески, шефицата на ОЈО Гостивар Елизабета Јосифовска и надлежните јавни обвинители Зура Селими и Хазби Исеини.
Надлежниот јавен обвинител Хазби Исеини појасни дека против тројцата е донесена наредба за спроведување истрага поради основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело „тешки дела против животната средина и природата“, бидејќи наредиле поставување пумпи со цел да го зголемат притисокот во водоводниот систем за Гостивар и околните населени места.
-Денеска е поднесен и предлог за определување мерка притвор за сите тројца во траење од 30 дена, бидејќи сметаме дека во оваа фаза на постапката нема друг начин тие да се обезбедат – изјави Исеини.
За ова кривично дело е предвидена затворска казна од најмалку четири години.
Јавната обвинителка Зура Селими информираше дека на 16 јули, по пријава од граѓани, при увид било утврдено дека во близина на преливната комора биле поставени три потопни пумпи, од кои две биле во функција и внесувале непреработена вода од надворешен канал директно во системот за водоснабдување.
Според досегашните докази, пумпите првпат биле поставени на 24 јуни, а следниот ден биле вршени тестирања на притисокот.
Лабораториските анализи покажале присуство на фекални бактерии во водата, како и зголемено ниво на хлор кај крајните корисници – 1,1 милиграм на литар, иако дозволените вредности се од 0,2 до 0,5 милиграми на литар. Во примероците земени од каптажата биле детектирани 39 колиформни бактерии, иако дозволената вредност е нула.
Од Обвинителството посочија дека истрагата е во почетна фаза и ќе треба да утврди дали загадената вода е директно поврзана со епидемијата и големиот број заболени граѓани, како и дали постои одговорност и кај други лица или институции.
-Доколку биде утврдена каква било одговорност кај институциите, истрагата ќе биде проширена. Ако кај кое било лице се утврди сомнение за сторено кривично дело, и тоа ќе биде опфатено со постапката – истакнаа обвинителите.
На прашање дали се испитува евентуална одговорност на директорот на Општата болница во Гостивар, обвинителот Исеини одговори дека истрагата нема да поштеди никого доколку се утврди вина.
Во меѓувреме, пумпите се ставени надвор од употреба, а Обвинителството обезбедува судска наредба за нивно демонтирање и одземање за понатамошно вештачење.
Од Обвинителството нагласија дека нивната надлежност се однесува исклучиво на кривично-правниот аспект на случајот, додека забраната за користење на водата останува во надлежност на здравствените и инспекциските институции.
































