Во Општата болница во Гостивар во изминатите 24 часа биле прегледани вкупно 198 пациенти поради здравствените проблеми поврзани со загадената вода, а еден пациент бил упатен на лекување на Инфективната клиника во Скопје, информира директорот на болницата, Емри Бајрами.
Според неговите податоци, на Инфективното одделение биле прегледани 111 пациенти, на Одделението за педијатрија 75 деца, додека во Ургентниот центар лекарска помош побарале уште 12 лица.
Бајрами истакна дека засега нема промени во клиничката слика кај пациентите.
– Клиничката слика и понатаму се карактеризира со стомачни тегоби, а поретко се јавуваат треска и покачена телесна температура – изјави директорот на болницата.
Министерот за здравство Сашо Клековски вчера соопшти дека од почетокот на епидемиолошката состојба до сега се евидентирани речиси 3.100 здравствени контакти преку Здравствениот дом, Општата болница, телефонските јавувања и интервенциите на Итната медицинска помош.
Тој посочи дека првиот пациент бил прегледан на 14 јули, а на 19 јули за првпат е забележан пад на бројот на нови приеми, што, според здравствените власти, е прв индикатор дека состојбата постепено се стабилизира.
































