Бројот на загинатите во двата силни земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени, кои пред речиси еден месец ја погодија северна Венецуела, се искачи на 5.208 лица, соопштија властите во најновиот биланс. Во споредба со претходниот извештај, потврдени се уште 89 жртви, пренесе „Асошиејтед Прес“
Претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригес, изјави дека бројот на повредени останува 16.740, додека 17.907 лица останале без своите домови.
Според официјалните податоци, 23.820 жители се сместени во 107 привремени прифатни центри, а државните служби досега обезбедиле хуманитарна помош за 128.324 семејства погодени од последиците на катастрофата.
По земјотресите што ја погодија земјата на 24 јуни, регистрирани се вкупно 1.388 последователни потреси. Последниот, со магнитуда од 3,0 степени, бил евидентиран вчераутро на околу девет километри западно од Ла Гуаира, на длабочина од 3,9 километри, според Венецуелската фондација за сеизмолошки истражувања.
Спасувачките и хуманитарните операции продолжуваат во најтешко погодените области, каде покрај големиот број човечки жртви се регистрирани и значителни оштетувања на домовите, јавните објекти и инфраструктурата.
































