Од ракометното минато (31)
- Најтешкиот период, не само за спортистите туку и за граѓаните, беше оној од почетокот на 60-тите години од минатиот век, кога Скопје доживеа две природни катастрофи, поплава и земјотрес. РК Работнички се пресели во Републичката лига со надеж дека повторно ќе биде прволигаш
За ракометот во Македонија, особено во Скопје, многу беа тешки годините кога во главниот град се случија две природни катастрофи. Прво поплавата од 1962 година, па потоа и земјотресот следната година. Но не треба да се сфати оти овие непогоди беа главните причини за стагнацијата и за опаѓањето на квалитетот на ракометот. Не, овие две непогоди можеби го забрзаа падот, но имаше и други причини што влијаеја ракометот да западне во криза. Покрај двете катастрофи, постојано беше присутен и проблемот со обезбедување неопходни средства за да можат клубовите, во случајов РК Работнички, да имаат нормални услови за реализација на своите активности. Финансиската помош за спортот, поради новонастанатата ситуација во градот, значително се намали, што, со оглед на околностите, и беше разбирливо, зашто приоритет беше градот што побрзо да се санира и да се залекува од двете катастрофи што го снајдоа, и тоа за многу краток временски период. Нормално, во една таква ситуација, кога многу семејства останаа без своите домови, сите напори беа вложени за нивното згрижување, а потоа ќе се размислуваше за сѐ друго, што се појави како проблем за побрза нормализација на животот во градот, особено по катастрофалниот земјотрес.
Во периодот што подоцна доаѓаше, сепак, спортските клубови не беа комплетно заборавени. Напротив, голема беше заложбата на градските фактори и покрај ваквата ситуација да се обезбеди горе-долу нормален живот, особено за двата спортски бренда, ФК Вардар и РК Работнички, кои беа единствени македонски претставници што го имаа прволигашкиот статус. Но да видиме како течеше животот кај ракометарите во овој критичен период.
Нокаут на стартот
По натпреварите од штотуку завршеното првенство во Првата сојузна лига во сезоната 1960/61, во која Работнички се пласира на 5. место и по настапот во финалето на Југокупот, дојдоа првите поголеми проблеми. Кај играчите се чувствуваше замор од напорната сезона, но како да беа уморни и луѓето што го водеа клубот. Тие тешко се снаоѓаа во моментите кога од државната каса имаше многу побарувања и од другите спортски клубови, кои достигнаа определен квалитет и со право бараа зголемување на нивниот буџет. Но тоа тешко можеше да се реализира за да се постигне некаква еднаквост, зашто парите што се одделуваа за спортот не кореспондираа со барањата, па затоа требаше внимателно да бидат распределени. Во една таква ситуација кога фудбалерите на Вардар и ракометарите на Работнички беа единствените претставници во Првата сојузна лига и имаа приоритет во распределбата, сепак, СОФК на Македонија и на град Скопје, сакајќи сите да ги задоволат, ги намалија финансиите, особено во ракометот. Луѓето што го водеа Работнички вложуваа напори, со помош на некои поголеми фирми да обезбедат средства, но тие беа доволни само за да се преживее, а не да се постигне нешто повеќе. Во една таква ситуација, благодарејќи на ангажираноста на оние најзагреаните ракометни работници и тренерот Славко Матовски, атмосферата во РК Работнички се одржуваше, да речеме, на едно коректно ниво. Но тоа не беше доволно за да може да се размислува за некои поголеми постигнувања и висок пласман во прволигашката конкуренција. Сепак, од реалноста немаше бегање и требаше да се искористат и најмалите можности, клубот да не потоне и да не се загуби на ракометната сцена.
За тоа дека ќе биде критично за Работнички се виде уште во почетокот, кога беше совладан пред своите гледачи од сараевска Босна со 13-19. Овој прв натпревар покажа оти нема да биде лесно и ќе треба да се вложат огромни напори клубот да ги издржи тешките прволигашки битки. Уште не беше заборавен првиот пораз, а веќе дојде и вториот, од Партизан на гостувањето во Белград. Единствена утеха за ракометарите и за симпатизерите на Работнички беше што поразот беше минимален, 19-18.
Прекинат натпревар во Скопје
Во скопскиот клуб паниката веќе беше присутна. Кога се очекуваше барем мало ублажување на настаната тмурна атмосфера, колата на Работнички со уште поголема брзина тргна надолу. Дојде нов пораз, што не беше никакво изненадување, од Борац во Бања Лука, за потоа малку да се ублажи ситуацијата со првата победа дури во 4. коло, пред своите гледачи против Младост од Загреб со 16-13.
Кога сите помислуваа дека тргнаа работите на подобро, дојде пораз од Динамо во Панчево, за веќе во следното коло да биде прекинат мечот во Скопје помеѓу последните финалисти во Купот на Југославија, Работнички и Партизан од Бјеловар. Овој недоигран натпревар покажа и нешто друго, што всушност во Работнички и скопската публика добро го знаеја, а тоа беше фактот оти клубот не знам од кои причини секогаш им беше цел на некои, што е симптоматично исти судии. Тие секогаш наоѓаа начин да внесат нервоза и неспокој во редовите на „железничарите“, што беше случај и овој пат, кога судијата без никаква причина го прекина мечот.
Што всушност се случи на средбата меѓу старите познаници? Поради еден прекршок, судијата Новаков од Нови Сад го исклучи на две минути домашниот играч Маерле. Овој реагираше на судиската одлука, сметајќи оти е престрого казнет, а судијата без да се колеба веднаш му покажа црвен картон и го исклучи до крајот на средбата. Но тоа не беше сѐ, на две минути пред крајот на првото полувреме во моментите кога од крилна позиција упати удар кон голот грубо беше фаулиран Никола Матовски. Домашниот играч реагираше зашто кога прекршокот беше толку очигледен, Новаков досуди само удар од девет метри, а не пенал. Матовски, кој инаку беше познат како мирен и коректен играч со раширени раце изреагира на одлуката на судијата, а овој веднаш дотрча до делегатот Крсто Бојаџиевски од Скопје и без да образложи веднаш покажа дека го прекинува мечот. Тоа предизвика негодување и реакција кај гледачите, но, за среќа, и покрај лутењето кај домашните играчи и кај публиката, ситуацијата не ескалира и немаше немили сцени на теренот. Ракометарите на двете екипи со наведнати глави го напуштија теренот.
Делегатот Бојаџиевски, не дека беше од Скопје, туку благодарејќи на огромното искуство што го имаше, во извештајот напиша оти судијата Новаков без никаква причина го прекинал мечот, со што оневозможил да се одигра еден тврд и квалитетен прволигашки натпревар. Ценејќи го мислењето на делегатот, Натпреварувачката комисија донесе одлука натпреварот да се преигра. Судијата Новаков беше казнет со осум месеци несудење, а играчот Маерле со три натпревари неиграње.
Испаѓање од елитното друштво
По овој натпревар во Работнички се раштима атмосферата и одвај се чекаше крајот на првиот дел од шампионатот. Тука, нормално поради разочараноста и опаднатиот морал и желба за борба, во преостанатите пет натпревари се оствари само една победа. Во Скопје, Работнички во 7. коло ја победи Дубочица со 13-12, а потоа во следните четири средби, од кои две во Скопје, со Црвена звезда и со Првомајска, и две на гостувањата, во Сараево и Загреб, претрпе порази.
Во една ваква ситуација со само четири бода од есенскиот дел имаше голема разочараност кај нашиот прволигаш, но ситуацијата беше таква и тука не можеше ништо позитивно да се стори. Оти ова беше навистина така покажаа и настапите во пролетниот дел, во кој Работнички одигра само формално и во сите средби дома и надвор претрпе само порази. Тоа никој не го очекуваше, а ракометната јавност во поранешната држава оправдано се прашуваше што се случи со Работнички, кој беше опасен противник за секој прволигаш. А она што се случи навистина, и зошто дојде до толкав пад на екипата, најдобро го знаеја луѓето од клубот и играчите. Покрај многуте судиски неправди, и раководството на клубот не го положи испитот, кое навремено не реагираше со некои организациски промени, а што е најбитно, не успеа да изменаџира најдобро за клупската каса да не остане празна. Она што доаѓаше потоа беше само мачење и формално играње.
Поплавата ги уништи спортските терени во Скопје
Тоа што се случи навистина е голема штета не само за Работнички туку и за македонскиот ракомет. Малерот да биде поголем поради обилните дождови и есенското излевање на Вардар од своето корито целиот втор дел од Градскиот парк во Скопје беше поплавен, а со тоа под вода беа и сите спортски терени, меѓу кои и игралиштето на РК Работнички. Тоа создаваше нов, и тоа голем проблем, зашто она што го сметаа за свој дом долго време го немаше. Требаше да помине еден подолг период да се исчисти калта, не само од ракометниот терен туку и од теренот и од атлетската патека на Градскиот стадион, како и помошните фудбалски игралишта на Вардар и на Работнички. Исто така, беа вложени големи напори, особено од армејците да се доведат во нормална состојба и спортските терени на Воениот полигон, кои не ги користеа само припадниците на ЈНА (старешините и војниците) туку и другите скопски екипи. Поплавата донесе навистина многу проблеми, не само за спортистите туку и за сите граѓани на Скопје и околните населби.
Инаку, што се однесува на Првата ракометна лига во сезоната 1961/62, покрај Работнички, кој се пресели во Македонската лига, од друштвото на најдобрите испадна и загрепска Младост. Парадоксално изгледа табелата од оваа сезона на која Работнички како последен има освоено само четири бода, а тимот што испадна како втор, загрепска Младост, имаше дури 16 бода. Титулата првак на Југославија ја освои Загреб со 34 бода, еден повеќе од Борац, тие во текот на целото првенство водеа израмнета и интересна борба, во која, сепак, Загреб за чекор прв помина низ целта.
































