Фото: „Нова Македонија“

ШАХ

  • Со поддршка на олимписките комитети, ЕКУ е обединета во својот повик шахот да биде признаен како олимписки спорт, чекор што би довел милиони играчи и љубители на шахот во средиштето на олимпиското движење

Генералното собрание на Европската шаховска унија (ЕКУ) за годинава се одржа во Букурешт (Романија), на кое делегати од цела Европа разговараа за иднината на шахот во Европа. На отворањето присуствуваа истакнати гости, меѓу кои Надја Команечи, легендарната петкратна олимписка шампионка во гимнастика, и Михаи Ковалиу, претседател на Романскиот олимписки и спортски комитет и поранешен олимписки првак во мечување. Местото на одржување (седиштето на Романскиот олимписки и спортски комитет) и присуството на двајца олимписки шампиони носат порака што се протега подалеку од шаховската табла, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).

Со поддршка на олимписките комитети, ЕКУ е обединета во својот повик шахот да биде признаен како олимписки спорт, чекор што би довел милиони играчи и љубители на шахот во средиштето на олимпиското движење. Отворањето ги истакна споделените вредности на извонредност, образование, ферплеј и меѓународна соработка што го обединуваат шахот со олимпиското семејство, пишува ФИДЕ. Една од клучните точки на дневниот ред беше изборот на раководството на ЕКУ за следниот мандат. Делегатите го реизбраа велемајсторот (ВМ) од Грузија Зураб Азмајпарашвили за претседател на ЕКУ, при што тој доби 35 од 53 гласа, а од другите кандидати, Лукаш Турлеј 11, а Бахар Куатли седум гласа, пишува ФИДЕ.
– Генералното собрание на ЕКУ е одличен пример за тоа како треба да функционираат демократските процеси во спортот. Видовме силна конкуренција, обмислени програми и одлични идеи презентирани од сите кандидати. Токму вака треба да функционира нашето шаховско семејство – преку отворена дискусија, фер избори и потоа соработка. Најдобрите идеи треба да се искористат за доброто на целата шаховска заедница. Им честитам на Зураб Азмајпарашвили и на неговиот тим за нивниот избор и со нетрпение очекувам продолжување и зајакнување на соработката меѓу ФИДЕ и ЕКУ. Заедно можеме да направиме многу повеќе за шахот – рече претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович. Г.И.