Егејците ги продадовме, дали сега е на ред и дијаспората?

  • Уставното начело вели дека македонските државјани се еднакви пред Уставот и дека секој полнолетен државјанин има право да избира и да биде избиран. Ептен добро. Тоа значи дека и македонските иселеници треба да бидат вклучени во изборниот процес
  • Дијаспората ни виси на конец. Бесилката е ставена околу вратот, се чека џелатот што ќе го тргне столчето од под нозете. Иако тој процес на ставање на дијаспората на бесилката е почнат одамна, сепак клучниот потег е направен на последниот попис, на кој беше измислена топла вода наречена попис на нерезидентно население со критериуми што наменски се направија за да ги снема Македонците. А сега? Кој ќе биде џелатот што ќе го тргне столчето?

Пред секои избори во државите се исфрлаат како на шведска маса теми од големо значење. Всушност тоа се теми што не биле решени со децении и кои се сметаат за контроверзни. Што со нив? Што со табу-темите? Некаде е тоа абортусот, некаде правата на малцинствата, бојата на кожата, загадената вода за која никој не смее да писне….
Во Америка се вели дека кој ќе ги освои трите „Г“, ги добива изборите – тоа се прашањето за геј-популацијата, за пиштолите (ганс) и за Господ. Има и други прашања, но овие со децении го решавале победникот. Нека биде така како тврдење. Сум следел во Америка три изборни циклуси и со свои очи сум го видел ова. За нас од Европа можеби звучи чудно, но тоа се посебности. Ете, на пример, Американците сега сметаат дека во Европа исчезнуваат демократијата и слободата на говор, а со нив и христијанските вредности, па ќе инвестира во демократија преку нов фонд на Стејт департментот, ќе стимулира партии што се поблиску до американскиот резон за тоа што е демократија. Германскиот канцелар Фридрих Мерц не чекаше премногу за да се развие оваа вест, туку му порача на Вашингтон – ние си имаме наши посебности, наши вредности и не мешајте ни се во штипките (изборите). Трамп сигурно ќе му прати порака за тоа како Брисел се вмешал во изборите во Молдавија или во Романија како пример на посебности. Така оди тоа во ова ново време. Не треба да се користи дипломатска пошта, се оди на „инста“, апла, да го види секој.
Си имаме и ние наши посебности, па и главни предизборни прашања. Некогаш вечно прашање беа правата на Егејците, како овде во републиката така и во Грција. А негде зачкрипи – повикај ги Егејците. Ама Егеец ги продаде Егејците, така сакало да биде наместено и сега една тема за решавање на изборите ја снема. Можеби, сепак, некој ќе се сети и ќе ја врати, но засега таа вечна тема е забетонирана. Ја снема како што го снема релјефот на Споменикот на децата бегалци во Жена-парк среде Скопје, на едно од најбезбедните места, на само 50 метри од Собранието. Никој ни видел, ни чул, ниту се нашол кабаетлијата.
Кога ги немаме предизборната и темата за кризни времиња за Егејците, остануваат двете резервни и јаки – „Чебрен-Галиште“ и Дијаспората, со големо Д. За праисторискиот проект „Чебрен“ има надеж, тој е во сите стратегии и на оваа влада и може да преживее и еден ден и да ги реши изборите. Доколку тоа биде наш, домашен, национален проект, победникот ќе биде решен. Но дијаспората ни виси на конец. Бесилката е ставена околу вратот, се чека џелатот што ќе го тргне столчето од под нозете. Иако тој процес на ставање на дијаспората на бесилката е почнат одамна, сепак клучниот потег е направен на последниот попис, на кој беше измислена топла вода наречена попис на нерезидентно население со критериуми што наменски се направија за да ги снема Македонците. Статистичките експерти рекоа дека ја утнавме и тој попис слободно може да се нарече промашена инвестиција. Ако статистиката е погрешна, па и грешна во религиозна смисла, тогаш е прашање која дијаспора треба да ја внесеме во новиот изборен законик, кој никако да се зготви во собраниската кујна. Што е македонска дијаспора? Кој има право да гласа? Како да спроведеме избори во Австралија, Америка, Нов Зеланд, во Европа, па и во Аргентина и во Бразил. Насекаде нѐ има, но на крајот никаде нѐ нема. Снемуваме. Ако успееме да спроведеме избори во дијаспората според закон на кој ќе стои и европско знаменце, е тогаш ќе станеме многу повидливи.

Да се навратам на историјата. Македонска дијаспора постои од памтивек. Од сеењето на македонското семе во периодот на грандиозниот процут на македонизмот, во времето на Филип и Александар и по него, но и во модерни времиња кога Македонецот се иселувал, како и многу други народи што се нашле во неволја, Ирци, Полјаци, Хрвати, Грци… Македонците се иселуваат и сега, и тоа масовно. Според Уставот, државјаните на Македонија се еднакви пред највисокиот закон и тие имаат право да избираат и да бидат избирани. Уставотворците се погрижиле да утврдат што е демократско начело, но законодавците не можат да дојдат на блиска позиција и да овозможат ова уставно начело да биде спроведено. Кога владата на Груевски реши во изборниот процес да ја вклучи масовно дијаспората, а не да се гласа по принципoт на чартер-летови, веднаш нашиве структури скокнаа – зарем тие ќе ни ја решаваат нашата судбина? Кои тие? Па тие се наши: но треба да се утврди кои се тие наши што ќе имаат право на глас. Тоа тешко оди зашто уште на почетокот на тој процес во македонскиот простор се слуша ехото на една перверзна флоскула – еден долар дијаспора. Оваа флоскула не беше случајно исфрлена, таа има цел тотално да ја обезвредни дијаспората, во период кога СДСМ-властите ја пљачкосуваа Македонија и по должина и по ширина, па и по дупки и гробови. Со таа флоскула всушност се обезвреднуваат нашите родители, роднини, најдобри пријатели што се иселиле од овде, но не се откачиле од својата татковина.
Кој ја сече папочната врвка? Многумина, но најлошото е што токму државата не успеа или не сакала доволно да успее да ги зачува врските со иселеништвото, но, и што е уште поважно, да го спроведе тоа уставно начело дека сите државјани се еднакви пред Уставот. А, дали сме? Не!
За некои од главните проблеми малку подолу, а сега да укажеме на некои добри практики. Грција има голема дијаспора што гласа. Таа гласа по пошта на парламентарни и на европски избори, а има опција да гласа и во дипломатско-конзуларните претставништва. Гласа и многубројната хрватска дијаспора, и тоа по принципот на лично присуство во дипломатските претставништва. Право на глас има секој полнолетен државјанин што пријавил живеалиште надвор од Хрватска, а дијаспората се води како посебна изборна единица со свои три избрани претставници. Но за да имаш право да гласаш мора и да се регистрираш.

Кај Македонците во светот ова е еден од проблемите што е лесно решлив, затоа што сега со новите електронски алатки тоа може многу брзо и ефикасно да се направи. Проблем е што нашите немаат навика, а тоа е законска обврска, кога ја напуштаат земјата да се регистрираат. Инаку, ќе бидат водени на избирачкиот список како да се дома, а не се. Но, како што изјавуваат нашинците секаде по светот, имаат проблем со вадењето пасоши. До нив тешко се стигнува, а според некои податоци, за да дојдат до пасош им требаат по 12 документи, додека во многу македонски дипломатско-конзуларни претставништва имало кадар што спроведувал политика на одвраќање наместо стимулирање да се вадат пасоши. И така губиме илјадници Македонци. За гласањето по пошта вреди да се размислува и за домашна употреба, но првин мораме да ги вратиме името, угледот и сигурноста во „Македонска пошта“! Таа е еден од државните столбови и ако тоа не се разбира, поарно да не зборуваме за државност.
Па, да заокружиме – дијаспората ни е важна од многу аспекти, не само како економски придонес, кој е факт (!), туку и како составен дел од еден жив организам, кој мора да се развива и да станува отпорен на сите предизвици, а се вика македонска држава. И дијаспората не е прашање само на една партија, туку е национално прашање, зашто таа е дел од македонскиот национ. Лично сум го видел Џон Битоф, кој среќен го извади и го покажа македонскиот пасош. Човекот тежеше во милијарди, но со добивањето пасош тој повторно си ја врати врската со татковината, со неговата и наша Македонија. Милијардите немаат иста тежина како што тежи врската со татковината. Тоа се големите работи што една држава може да ги направи со мали, но важни гестови. И мора да ги прави. – Јас сакам кога ќе дојдам во Македонија да влезам со македонски пасош, а не со австралиски, како странец, во мојата земја. Тоа го сакам – ова е реченица на еден мој пријател од Канбера и мислам дека е убава порака за оваа дебата што деновиве се одвива во Собранието, а во заднина е призвукот на онаа флоскула – еден долар дијаспора. За да бидам циничен ќе речам, па вадете си бугарски пасоши со готови изјави и избрани адвокатски процедури, ама овде работите нема да чинат, ќе одат само на полошо.
Не е предупредување, туку факт пласиран со цинизам. Затоа што е очигледно дека се чека на џелатот да го тргне столчето. И веројатно има сериозна намера да го стори тоа.
Кој е џелатот? Јас тука ставам точка, вие барајте ги одговорите.