Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – СП 2026

  • Финалето на СП 2026 првпат ќе биде дуел за светска титула меѓу актуелни континентални прваци и првпат тоа е меч меѓу двете првопласирани селекции на ранг-листата на ФИФА. Шпанија и Аргентина ќе играат в недела (од 21 часот), во Њу Џерси (САД)

Финалето на годинашното Светско првенство првпат ќе биде дуел за планетарната фудбалска титула меѓу актуелни прваци на Европа и на Јужна Америка и првпат тоа е меч меѓу двете првопласирани селекции на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) во пресрет на еден мундијал, откако ФИФА го воведе рангирањето во 1992 година. Европскиот првак Шпанија ќе игра со светскиот и јужноамерикански шампион Аргентина в недела (21 часот), во Њу Џерси (САД).
Аргентина, прва на ранг-листата на Светската фудбалска федерација објавена во јуни, ќе игра за својата четврта светска титула и да стане првиот шампион на две планетарни првенства по ред откако Бразил го направи тоа во 1958 и во 1962 година. Досега светската титула ја одбрани и репрезентацијата на Италија, која славеше на првенствата во 1934 и во 1938 година. За Аргентина натпреварот в недела е седмо финале на мундијалите (победи во 1978, 1986 и во 2022 година).
Шпанија, второпласирана на листата на ФИФА, игра за својата втора светска титула, откако триумфира на СП во 2010 година, во досега единственото финале за таа репрезентација. И Шпанија и Аргентина ги освоија континенталните титули во 2024 година (Аргентина ја освои 16-та, со што води на листата со трофеи во Јужна Америка, а Шпанија четвртата, со која, исто така, поведе на листата со освојувачи на европски фудбалски титули).

Фото: ЕПА

Двете репрезентации влегуваат во финалето на СП 2026 со импресивни низи без пораз, откако Шпанија има серија од 37 натпревари без пораз во сите натпреварувања и пријателски натпревари (28 победи, девет ремија), а Аргентина е непоразена во претходните 13 натпревари на СП (11 победи и две ремија), пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Откако во финалето в недела ќе се сретнат Шпанија и Аргентина, ќе заврши досега невидената шампионска низа на планетарните шампионати. На претходните шест светски првенства, од 2002 до 2022 година, имаше шест различни светски шампиони, и тоа Бразил во 2002 година, Италија во 2006-та, Шпанија во 2010-та, Германија во 2014-та, Франција во 2018-та и Аргентина во 2022 година. Н.М.


Скалони може да израмни селекторски рекорд на Поцо

И шампионската репрезентација на 23. Светско првенство (СП) во фудбал ќе има домашен селектор, откако во финалето ќе се сретнат Шпанија и Аргентина. Предводник на актуелниот европски првак Шпанија е Шпанецот Луис де ла Фуенте, а кормилар на актуелниот светски првак Аргентина е Аргентинецот Лионел Скалони. Сите светски шампиони досега биле предводени од домашни селектори. Скалони во финалето ќе се обиде да го израмни рекордот на Италијанецот Виторио Поцо, кој е единствениот селектор со две светски титули (во 1934 и во 1938 година), а Де ла Фуенте да стане 22. селектор што освоил светска титула. Н.М.


СП 2026 1/16-ФИНАЛЕ

Германија – Парагвај 1-1 (3-4 п.)
Франција – Шведска 3-0
Јужна Африка – Канада 0-1
Холандија – Мароко 1-1 (2-3 п.)
Бразил – Јапонија 2-1
БСК – Норвешка 1-2
Мексико – Еквадор 2-0
Белгија – Сенегал 3-2
Англија – ДР Конго 2-1
САД – БиХ 2-0
Шпанија – Австрија 3-0
Португалија – Хрватска 2-1
Швајцарија – Алжир 2-0
Австралија – Египет 1-1 (2-4 п.)
Аргентина – Зелено`ртски О. 3-2
Колумбија – Гана 1-0

ОСМИНАФИНАЛЕ
Канада – Мароко 0-3
Парагвај – Франција 0-1
Бразил – Норвешка 1-2
Мексико – Англија 2-3
Португалија – Шпанија 0-1
САД – Белгија 1-4
Аргентина – Египет 3-2
Швајцарија – Колумбија 0-0 (4-3 п.)

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Франција – Мароко 2-0
Шпанија – Белгија 2-1
Норвешка – Англија 1-2
Аргентина – Швајцарија 3-1

ПОЛУФИНАЛЕ
Франција – Шпанија 0-2
Англија – Аргентина 1-2

МЕЧ ЗА ТРЕТО МЕСТО
Франција – Англија утре, 23 ч.

ФИНАЛЕ
Шпанија – Аргентина недела, 21 ч.