Регулаторната комисија за енергетика размислува за ревизија на блок тарифите за електрична енергија, кои беа воведени за време на енергетската криза во 2022 година, со цел тие да се усогласат со новите услови на пазарот и растечкиот удел на обновливите извори на енергија.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Ацо Ристов, во интервју за МИА изјави дека енергетскиот сектор значително се променил во изминатиот период, што отвора простор за нови решенија во тарифниот систем.
Тој посочи дека идејата е граѓаните да плаќаат пониски сметки за потрошената електрична енергија, како и можност за воведување евтина тарифа и во сабота, покрај веќе постоечката неделна поволност.
– Процесот е отворен и заслужува внимание, бидејќи енергетиката е во динамичен период кој ќе стане уште подинамичен -изјави Ристов.
Тој нагласи дека растечкиот удел на обновливи извори, особено сончевата и ветерната енергија, носи предизвици за стабилноста на електроенергетскиот систем, бидејќи нивното производство е непредвидливо и варира во текот на денот.
Ристов додаде дека во вакви услови цените на пазарот можат да варираат, особено при зголемено производство од сончеви и ветерни електрани, што влијае и врз инвестициските одлуки во секторот.
Според него, иако хидроенергијата би можела да има стабилизирачка улога како базичен извор, инвестициите во овој сегмент се сè потешки поради сложени процедури и климатски услови кои влијаат врз хидролошките прилики.
Ристов заклучи дека инвестициите во енергетиката бараат внимателни проценки, бидејќи пазарот станува сè подинамичен и подложен на брзи промени.


































