Фото: Влада

Проектот „Чебрен и Галиште“ има стратешко значење за државата и може значително да ја зајакне нејзината позиција не само во енергетиката, туку и во управувањето со водните ресурси и развојот на туризмот, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски на седницата за пратенички прашања во Собранието.

Одговарајќи на прашање од пратеничката Благица Ласовска, Мицкоски нагласи дека проектот треба да се гледа како повеќенаменска инвестиција од национален интерес, особено во услови на климатски промени и зголемена потреба од вода.

 – Убеден сум дека Чебрен и Галиште имаат стратешко значење не само за производство на електрична енергија, туку и за обезбедување дополнителни количини вода, развој на туризмот и зајакнување на државната позиција во регионот – истакна премиерот.

Тој посочи дека во април годинава домашното производство на електрична енергија покрило 88,8 проценти од вкупната потрошувачка, оценувајќи дека државата се доближува до целта да стане нето извозник на електрична енергија.

Мицкоски додаде дека е подобрена состојбата во енергетскиот сектор, при што акумулациите се значително зголемени, а финансиската состојба во ЕСМ е стабилизирана. Како дел од енергетската стратегија ги наведе и гасните интерконектори со Грција и Србија, развојот на гасоводната мрежа и зајакнувањето на енергетските врски со соседните земји.

Во однос на реализацијата на проектот „Чебрен и Галиште“, премиерот информираше дека се разгледуваат два модели – финансирање преку меѓународни финансиски институции и модел на јавно-приватно партнерство.

Според него, приоритет е да се исцрпат можностите за обезбедување средства преку меѓународни кредитори, при што веќе се водат разговори со институции како Светска банка и Европската инвестициска банка.

Премиерот оцени дека проектот може да стане двигател на економскиот развој, да придонесе за раст на БДП, да го подобри капацитетот на електроенергетскиот систем и да отвори можности за развој на регионот Мариово како туристичка дестинација.