Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека вчера била одржана работна средба со претставници на најголемите трговски синџири во земјата, посветена на мерките за справување со инфлацијата и растот на цените на основните прехранбени производи.
Во објава на социјалните мрежи, тој наведе дека во наредниот период ќе следат и средби со добавувачите и производителите, со цел заедничко делување за одржување на годишната инфлација и цените на основните производи во јули под 3 проценти.
Мицкоски потенцира дека Владата останува посветена на мерки за заштита на животниот стандард и обезбедување поголема економска сигурност за граѓаните.
Во изјава за медиумите пред состанокот, тој порача дека очекува конкретна реакција од трговците, дистрибутерите и производителите во насока на намалување на цените.
„Кризата завршува и граѓаните беа толерантни, сега е време трговците да возвратат со намалување на цените, особено на основните прехранбени производи“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека доколку во следните денови не се забележи реакција на пазарот, Владата ќе преземе соодветни мерки.


































