Официјалните податоци од услугата Клаудфлер радар покажуваат дека ботовите и агентите на вештачката интелигенција за првпат во историјата ги надминаа луѓето и презедоа над 62 отсто од целиот интернет-сообраќај. Односно интернетот штотуку ја премина границата, а тоа на многумина нема да им се допадне.
Коосновачот и извршен директор на „Клаудфлер“, Метју Принс, објави дека ненадејниот раст на таканаречениот агентски сообраќај е одговорен за овој историски пресврт. Принс призна дека го очекувал овој исход, но верувал дека транзицијата ќе се случи дури на крајот на 2027 година. Промената во корист на ботовите тивко се случи во последните неколку месеци.
Според официјалните податоци, ботовите моментално сочинуваат околу 56 отсто од целиот сообраќај на мрежата, додека во текот на изминатата недела тој процент се искачи на 62 отсто. Интересно е што овој сообраќај не е рамномерно распределен низ целиот свет. На пример, Гибралтар има екстремен сооднос каде што автоматизираните барања сочинуваат над 90 отсто од целиот сообраќај, додека Сингапур и Иран бележат повеќе од 75 отсто. Експертите објаснуваат дека ова не значи дека има најмногу развивачи на ботови во тие земји, туку дека има локации со силна инфраструктура за хостирање, ВПН-услуги и специфично рутирање. За разлика од старите интернет-пребарувачи или измамничките ботови, овие нови агенти на вештачкана интелигенција се однесуваат речиси како вистински луѓе, само што го прават тоа неспоредливо побрзо и во многу поголем обем.
































