Оркестарот на Филхармонијата вечерва, со почеток во 21 часот, во Градскиот парк ќе ја изведе музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, која ќе биде моќна завршница на концертната сезона „Без филтер“. Во реализација на овој проект, покрај оркестарот на Филхармонијата на РСМ, учествуваат музичари од Софиската филхармонија, Државниот симфониски оркестар од Солун, хорот на МОБ, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од Музичкото училиште од Солун. Диригент е маестро Најден Тодоров (Бугарија), кој беше иницијатор на овој проект, кој прво се реализираше во Софија, потоа во Солун, и сега, на 20 јуни, и пред публиката во Скопје. Како солисти ќе настапат нашата светски позната сопранистка Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и Иво Јорданов од Бугарија.
– Нѐ очекува голем музички спектакл, ќе биде изведена грандиозната музичко-сценска кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, под отворено ѕвездено небо на нашиот традиционален завршен концерт. За нас претставува големо задоволство што по нејзината изведба во Софија и Солун, таа ќе одекне и пред домашната публика во Градскиот парк и на тој начин ќе се заокружи оваа значајна соработка меѓу трите балкански оркестри, која ја потенцира моќта на музиката и културата што обединува и која не познава граници – вели Мустафа Имери, директор на Филхармонијата.
За министерот за култура и туризам Зоран Љутков културата има најголема смисла тогаш кога излегува од салите и институциите и станува дел од секојдневниот живот на луѓето.
– Затоа, особено радува фактот што овој концерт ќе биде подарок за граѓаните. Бесплатен и достапен за сите. Големата уметност не треба да познава бариери, туку треба да допира до што повеќе луѓе. Убеден сум дека на 20 јуни ќе бидеме сведоци на вечер што долго време ќе остане во нашите сеќавања не само поради величествената музика на Орф туку и поради тоа што сите заедно ќе бидеме обединети околу нешто што е убаво, возвишено и заедничко – истакна Љутков.
Тој воедно кажа и дека овој настан има и посебна симболика за нашата земја.
– Пред повеќе од две децении, токму нашата филхармонија беше иницијатор на идејата за балканска филхармонија, обединувајќи музичари од регионот во име на уметноста и заедничките вредности. Претстојниот концерт на трите филхармонии само ја продолжува таа благородна традиција – потенцира министерот Љутков.
За Симос Папанас, директор на Државната филхармонија од Солун, главната идеја што ја поттикна реализацијата на овој проект беше да се изградат мостови на соработка меѓу балканските земји.
– Идејата беше да изградиме мостови на соработка, да ги промениме постојниот модел и наратив дека не научивме заедно да работиме и создаваме. Преку овој проект сакавме да го докажеме спротивното, дека можеме заедно да работиме. Дека полесно може да најдеш двајца музичари што ќе седнат на еден пулт, отколку двајца политичари што ќе седнат на иста маса. Живееме во турбулентно време и нашата мисија како уметници е да покажеме дека можеме да работиме заедно – истакна Папанас.
За сопранистката Ана Дурловски ова е исклучително важен проект, кој покажува дека музиката може да нѐ обедини и да ги избрише физичките граници меѓу трите земји што учествуваат во реализацијата на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“.
– Овој проект покажува колку е значајна културната дипломатија и дека преку вакви проекти музиката и културата градат мостови онаму каде што политиката става граници. Се радувам што ќе се видиме следната недела со нашите колеги, со кои изградивме искрено пријателство, и заеднички и пред нашата публика ќе создадеме волшебна музичка вечер, исто како со Софија и Солун – рече Дурловски.
За концертмајсторот Владимир Костов, овој концерт ќе биде уште една потврда за универзалниот јазик на музиката.
– Музиката говори на јазик разбирлив за сите и токму таа универзална порака е суштината на овој концерт. Заедно обединети на сцена, повеќе од 200 музичари од три држави уште еднаш ќе потврдат дека музиката руши бариери и обединува – рече Костов. В.Д.


































