„Титов Врв скајрејс 2026“
Попова Шапка и годинава ќе биде центар на екстремниот планински спорт, каде што на осмото издание на „Титов Врв скајрејс“ ќе се соберат домашни и меѓународни натпреварувачи подготвени да ги поместат границите на издржливоста низ врвовите, падините, величествените беспаќа на Шар Планина.
На 21 јуни на Попова Шапка во националниот парк Шар Планина ќе се одржи осмото издание на „Титов Врв скајрејс“, во организација на планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје и под покровителство на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија.
Трката се одвива на техничка и атрактивна рута долга 20 километри, со вкупна висинска разлика од +1.900 метри. Стартот и целта се на Попова Шапка, додека натпреварувачите ќе минуваат низ највисоките делови на Шар Планина, вклучувајќи ги врвовите Титов Врв (2.747 м.н.в.) и Бакардан (2.704 м.н.в.).
– Покрај своето меѓународно значење, „Титов Врв скајрејс“ наедно претставува и
Државно првенство на Македонија во дисциплината скај класик, како и изборна трка за формирање на македонската репрезентација за настап на меѓународни првенства. Во изминатите години трката се етаблира како еден од најзначајните планински спортски настани во регионот, привлекувајќи учесници од повеќе европски земји и промовирајќи ја Шар Планина како исклучителна дестинација за планински спортови, туризам и активен престој во природа – информираат организаторите.
Се очекува учество од околу 130 натпреварувачи од Македонија и странство, како и голем број љубители на планината, кои ќе бидат дел од настанот.
































