Јов и Јозеф К. (1)

Постојат некои индивидуи кои, бидејќи се тоа, се јавуваат како архетипови што ја илустрираат човековата егзистенцијална и метафизичка ситуација во однос на животот и Бог како нивни стожерни маркери. Таквите индивидуи, пак, по дефиниција се осамени острови во океанот на животот или осамени огледала во кои се огледуваат човекот и човековата судбина. Кај сјајниот Иво Андриќ таков архетипален остров, драг читателу, е Франциско и Луисенте де Гоја, какво што е целото име и презиме на славниот шпански сликар, кој како никој друг ја сликаше осаменоста во овој свет на трагичната убавина на постоењето. Есејот „Гоја“ на Андриќ е брилијантен како компаративен архетип и за нашиот ecej „Јов и Јозеф К.“ како есенцијален вовед.
Првин одиме на Јов. Тоа е едно од најзвучните имиња во Светото писмо, а според интензитетот на неговата трагична ситуација во која запаѓа во спор со Бог сигурно и најимпресивната личност. Исто како што е тоа и Христос, чија човечка парадигма и префигурација е имено тој. Обратно, пак, и Христос со етичката и моралната конфигурација на психата, а потоа и со некои ситуации и односи со Бог (Отецот) е Јов. Тоа е компаративен парадокс, кој е лесно сфатлив и од фактот што Христос во Светото писмо почесто се претставува како Човечки отколку како Божји син, што го сугерира Јов, и самиот фрлен во слична искушувачка судбина како него, во која само некои ситуации и нијанси се различни. За тоа нешто понатаму, драг читателу, сега да влеземе во отворената „Книга за Јов“ на Стариот завет, можеби н најзначајната од 77-те библиски книги, во која човекот е поставен на граничната линија во неговиот однос со Бог. Егзистенција и есенција, и она што ги спојува и раздвојува, хијатусот меѓу нив понекогаш речиси тешко премостлив. Тука станува збор за егзистенцијата како праискуство на човекот поврзана со првиот грев и неговото исфрлање од рајот, лишен од вечен живот, а даруван со кусовечност и смрт. Првите страници на книгата „Битие“ од Стариот завет говорат за таа трагична случка, за разделбата на човекот со Бог и на Бог со човекот. Сјаjниот гениј на трагичната убавина и постоењето, старозаветен од петиците до врвот, Микеланџело таа гранична ситуација со вонвременски акцент ја овековечил на сликата „Раѓањето на Адам“. Но за неа, знаеш драг читателу, премногу сме пишувале на друго место. Само уште да кажеме дека во несреќниот спор со Бог во еден миг Јов е речиси поклопувачки сличен, како негово алтер его, на Адам од фреската на Микеланџело, чија дланка испружена несвесно кон Јахве не го допира него. Меѓу нивните дланки зее, иако во само неколку милиметри нeдопреност, огромен непремостлив хијатус, кој говори за тоа дека тие во нешто не се разбрале на самиот почеток на создавањето. Имено, во еден миг тоа се случува и меѓу Јов и Јахве. Јов, кој е архетип на беспоговорен и до смрт верник, чиј „скок во вера“ (Киркегард) е salto mortale, сличен на скокот на Eмпедокле во кратерот на Етна. Така. Но во сето ова е важно прашањето коj е и каков е неговиот бог Јахве. Тој е суров бог, чиј основен закон на суетата и одмаздата е „око за око, заб за заб“, Јахве кој Фројд во неговата психоаналитичка студија „Мојсеј“ го открива како мидијски бој на вулканот, приватизиран од неговите Евреи, а за Мојсеј вели дека е Египќанец. А Фројд не е кој било и е еден од најфасцинантните карактери што можат да се запознаат. Сеедно. Она што е, пак, важно, следејќи ја средишната линија во граничната психолошка и онтолошка ситуација во која се наоѓа не Јахве, туку Јов наспроти него тоа е есенцијалниот контраст на приказнaта во „Книгата за Јов“, во која и покрај сите неправедни искушенија во кои тој е предаден на сатаната од Јахве му е верен нему, за разлика од него, кој кон таа верност се однесува арогантно и на некој начин маркиздесадовски, садистички. Можеби преекспресивна дефиниција, но сосема реална, која функционира како онаа немилосрдна фатумска deus ex machina во античките трагедии.
Да, но како се одвива, драг читателу, оваа исклучително важна егзистенцијална и метафизичка приказна во која има елементи на садизам од страна на Јахве, и на бескрајна посветеност, и покрај тоа, од страна на Јов, иако неговата понизност кон него врие и нараснува од квасецот на бунтовноста што се храни од Вистината и Правдата, кои се темел на битието на понижениот од врховниот демиург создаден според неговиот образ „производ“. Во таа ситуација садистот Јахве, кој во соработка со Сатаната го искушува до смрт својот најдобар верник, е апсолутно надреден како врховно битие над мазохистот Јов, подготвен на секакво страдање како акт на верност кон својот бог.

Конкретно, рековме веќе, станува збор за старозаветниот одмаздољубив и суетен Јахве, кој ги мери Вистината и Правдата со неговиот основен, повеќе метафизички отколку егзистенцијален закон „око за око, заб за заб“, што е всушност Мојсеевиот еврејски закон ставен во устата на нивниот во основа приватизиран бог, кој го оспори Новиот завет. Сеедно. Но тоа е Бог на создавањето и на сè потоа како што го сфаќа него Јов, кој му е посветен верник со целото свое битие. Да, ама меѓу нив двајца се јавува пукнатина, слична како онаа на сликата на Микеланџело меѓу Адам и Јахве, кога Јов е ставен на тест за неговата лојалност по обложувањето меѓу неговиот бог и Сатаната за неговата издржливост во верата ако му се уништи благосостојбата со имотот, здравјето и семејната среќа. Така Јов е фрлен во рацете на Сатаната и така и почнува неговата искушеничка Голгота. Нему му се уништени стадото, имотот, куќата, му умреле ќерките и синовите, а него го напаѓаат едноподруго смртоносни болести. Но и покрај тоа, тој трае и истрајува, иако во своите страданија останува целосно сам, без поддршка на својата жена и пријателите, кои него го обвинуваат за трагедијата во која се наоѓа, секако поради нешто што му згрешил на својот Господ, и не го одобруваат неговиот спор со него. Не го одобруваат затоа што тој заведува дијалог со него и се осмелува да го прашува на што се должи сето тоа кога е невин и во сè му служел и му служи нему, оти самиот знае дека е невин и чист како кристал во верата. Го прашува: „Заради што ја истражуваш мојата вина и сакаш да ги разоткриеш моите гревови, кога знаеш добро дека сум невин, дека не можам да ѝ избегам на твојата рака?“ (Јов 10:6-7) И уште: „Не ги гледа ли тој сите мои патишта, не ги брои ли тој сите мои чекори? Зарем одев, кога и да било, во друштво со лагата? Зарем мојата нога брзаше кон измама? Нека ме измери Бог врз права мерка па ќе ја види мојата непорочност!“ (Јов 31: 3-6). Така, но суровиот Јахве е уште посуров кога одговара на прашањата на својот најверен меѓу верните верник: „Зар сакаш да го изгазиш мојот суд. Да ме обвиниш за да се оправдаш себеси? Зар твојата мишка ја има божјата сила? Зар можеш да грмиш со гласот како него?“ (Јов 40:8-9).
Така. А сето тоа, драг читателу, значи дека Јахве заслепен од силата на својата семоќ не трпи никаков приговор од своето богообразно создание, кое, како што се гледа од целокупната ситуација, бескрајно нежно и богољубиво, и покрај сè, повеќе личи по изгонот од рајот на себе отколку на суровиот одмаздољубив бог. Така, иако Јов како негов архетип е свесен за својата егзистенцијална и метафизичка ситуација во која е фрлен безмилосно од небото долу. Во она што со еден збор се вика Постоење, постискуство по кусиот и блажен престој во рајот. Тој е длабоко свесен за тоа, но не и нечувствителниот Јахве, кому му дава на знаење: „Премногу сум мал: што да одговорам? Со мојата рака ќе ја затворам устата. Реков збор, нема веќе да започнувам; реков два, ама нема да продолжам“ (Јов:40). Така испаѓа на крајот дека дијалогот меѓу Јов и Јахве е шизофрен, не постои мост што ќе ја премости бездната меѓу нив. Тука нема ништо ни рационално, она декартовско „мислам значи постојам“, ни интуитивно како говор на душата и чувствата. Од едната страна на дијалогот е понижениот од неговиот Создател Јов, а од другата семоќниот бог чиј глас ја потресува вселената.

Опиен од cвојата космичка моќ тој заборавил на оживеаниот од глината Адам (Јов), лишен од секаков вид психолошка и онтолошка рефлексија и интроспекција, па оттука за него и не важи моралниот закон и суд, за кој толку многу хартија и ум потроши Кант за да го обликува него како тркало што ги движи сите нешта во вселената кон Правдата и Вистината како есенцијални категории или универзалии на смислата на постоењето на Сè со Сè и на Сè во Сè. И во тој свој универзален закон чие основно мото не само за човекот туку и за сите нешта гласи „Ѕвезденото небо над мене, моралниот закон во мене“ како печат на неговата универзална важност филозофот што мудрува повеќе отколку што треба го вглобува и Бог. Да. Ама како што гледаме во случајот со Јов, тоа не важи, драг читателу. Во моралниот закон на Кант, за кого немаме забелешка, сега парадоксално го нема него. Во него сега го има само Јов како супституција на Бог, нешто што ќе се открие во јасна светлина во она што се вели епилог на неверојатната егзистенцијална и метафизичка судбина на човекот во „Книгата за Јов“. Таа Вистина ќе ја открие Богочовекот Христос, чија човечка префигурација е Јов. И, тоа е мигот-вечност, драг читателу, кога божјото создадено од прав, кое пак во прав се враќа, конечно ја допира својата дланка со дланката на Бог, нешто за што копнеел во јанѕа и старозаветниот оптоварен со првиот грев Микеланџело кога ја сликал фреската во Сикстина сликајќи го во јанѕа хијатусот меѓу Бог и Адам, нивното недоразбирање уште на самиот почеток од создавањето, кога глината сè уште не била разбудена, без онтологија и свест која е и што е.
Но до преобразбата на Јахве во Богочовек има уште малку од неговата суровост кон Јов, сè додека не види најпосле дека неговиот заколнат верник го положил одлично тестот на проверката на неговата вера. Тестот со кој раководи Сатаната, но со дозвола од Јахве, кој го добива облогот, но по цена на лузните што ги добива неговиот беспрекорен верник, сега Јахве, како да бива љубоморен на неговата безгранична издржливост и посветеност кон него. Во финалето на приказната, која најпосле ќе има среќен крај, тој како да го чувствува отсуството кај себе на морална доблест, уште повеќе ја засилува својата суета. Сè уште тој е далеку, но истовремено и блиску до рефлексија и интроспекција, кои за цело време на тестот на Јов се замрачени од неговата безгранична вселенска моќ во која работи умот, но не и срцето и душата. Тие допрва треба да проработат и проработуваат, но со одговорот на Јахве во облик на бура во која сè уште татни суетата на моќниот: „Тогаш Господ му одговори на Јова од бурата и рече: Препаши го својот крст како јунак, јас ќе те прашувам, а ти поучи ме. Зар сакаш да го изгазиш мојот суд, да ме обвиниш, за да се оправдаш себеси? Зар твојата мишка ја има божјата сила? Зар можеш да грмиш со гласот како него“ (Јов 40:6-9). Така, а потоа Јахве се топори над неговиот скрушен најверник и со неговата моќ на создател на светот.

Му вели: „Каде беше кога ја основав Земјата, кажувај ако знаеш! Знаеш ли кој ѝ ги одреди мерките и кој го оптегна измерувачкото јаже над неа. На што ѝ почиваат основите?“ (Јов 38:4-5). Тоа личи не само на прекор туку и на набивање страв како основан психолошки инструмент на божјата волја, која кај Јахве сè уште е неприпитомена и дива. А дека е тоа така како илустрација на својата моќ што заплашува Јахве на Јов пред носот му ги истопорува нилскиот коњ и крокодилот, грдотии што сепак се полни со бог, ама се несвесни за него. И тие слики ја потврдуваат суетата од моќта на Јахве, иако тој својата создателска магија можел да ја демонстрира пред својот најверник, на пример, и со една шарена пеперуга, која може дури и поубаво да ја претстави отколку, рака на срце, сепак убавите грдосии. Арно ама тие не можат да летаат како пеперугата, која можеме да ја посматраме и како еден вид префигурација на ангелите. Ама наскоро и тоа ќе се случи, оти суровиот Јахве конечно ќе влезе од бескрупулозна моќ во рефлексија, во свест и емоција. Тоа го заклучува во својата брилијантна психоаналитичка студија „Одговорот на Јов“ и Јунг со хипотезата дека Јахве најпосле ги осознава моралните квалитети на Јов и е толку фасциниран од нив што дури посакува да биде како неговиот верник откако заклучува дека неправедно постапил кон него предавајќи го во рацете на Сатаната.

(продолжува)