Фото: Фејсбук профил Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Тиват изјави дека на средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц разговарале и за француско-германскиот нон-пејпер, кој предвидува постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија пред нивното полноправно членство.

Мицкоски рече дека Македонија има свои ставови и предлози во однос на документот и дека тие биле презентирани на средбата со германскиот канцелар. Тој најави дека темата ќе биде дополнително разгледана во рамки на работниот дел од Самитот ЕУ – Западен Балкан.

 – Ова се моменти кога Европскиот совет јасно покажува дека процесот на проширување останува жив – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека приоритет на Владата е да го зачува европскиот курс на државата, но истовремено да го заштити националното достоинство.

 – Наша цел е да станеме држава што ќе испорачува најмногу реформи, да останеме фокусирани на проширувањето и да го сочуваме националното достоинство – рече премиерот.

Мицкоски оцени дека средбите со германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен биле исклучително корисни.

Тој потврди дека уставните измени биле една од темите на разговорите со европските лидери, но посочи дека Македонија заслужува покредибилен и поправеден европски процес.

Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват е посветен на европската интеграција на регионот, а една од главните теми е новиот француско-германски предлог за постепено вклучување на земјите кандидати во европските политики и единствениот пазар уште пред полноправното членство.