Фото: ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“

ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и Македонската радио-телевизија потпишаа меморандум за соработка во наредните три години, со можност партнерството да биде продолжено и во следниот период, информираа од училиштето.

Од школото оценуваат дека станува збор за значајно признание за долгогодишната работа, квалитетот и придонесот што оваа образовна институција го има во македонската култура и уметност.

Со потпишаниот меморандум, Македонската радио-телевизија ќе врши снимање и медиумско покривање на концертите и настаните на училиштето, а двете институции заеднички ќе работат на промоција на музичката и балетската едукација, како и на афирмација на младите уметници и културните вредности.

Веднаш по потпишувањето на договорот потврдени се снимањата на неколку претстојни концерти и настани на училиштето.

1.06. – Јубилеен концерт „25 години Традициски играч-пејач, со настапи и на многу наши поранешни ученици, денес истакнати уметници и раководители.“
2.06. – Балетски концерт основно
3.06. – Концерт на вокално-инструменталниот оддел
8.06. – Балетски концерт средно, класичен и модерен балет

Од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ посочуваат дека оваа соработка претставува уште една потврда за талентот, трудот и успесите на учениците и наставниците, кои добиваат национално внимание и поддршка.