Со новата владина одлука за дополнително намалување и усогласување на царинските стапки за полупроизводи и суровини, домашните и странските инвеститори, како и извозниците, ќе станат уште поконкурентни, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
По отворањето на трговскиот центар „Мега шопинг парк“ во Гевгелија, Мицкоски посочи дека по претходното усогласување од 50 проценти, сега е направено дополнително усогласување за уште 20 проценти.
– Донесовме одлука со која се зголеми обемот на полупроизводи и суровини што ги користат производителите и извозниците во Македонија. Со новото усогласување достигнуваме до 70 проценти усогласеност со царинските стапки што важат во Европската Унија – изјави премиерот.
Според него, целта е да се подобри конкурентноста на македонската индустрија и да се олесни извозот.
Министерството за финансии вчера информираше дека намалувањето на царинските стапки опфаќа 70 суровини, репроматеријали и компоненти што се користат во домашните производствени капацитети за изработка на високо финални производи.
Од Министерството посочија дека Владата го усвоила Предлог-законот за измена на Законот за царинска тарифа, со кој се предвидува дополнително намалување и целосно усогласување на царинските стапки со оние што се применуваат во Европската Унија.
Овие измени се продолжение на минатогодишните законски решенија, кои стапија во сила на 1 јули 2025 година, кога беше извршено намалување на царинските стапки до 50 проценти од нивото што важи во ЕУ.
































