Peskov
Фото: ЕПА

Европа не може да дејствува како посредник во конфликтот во Украина бидејќи е директна страна во кризата, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој нагласи дека европските земји отворено застанале на страната на Киев и дека европското оружје се користи во напади врз Русија.

 – Европа во моментов е страна во конфликтот бидејќи ја поддржува Украина. Европското оружје се користи против нас и тоа не може да се игнорира – изјави Песков, пренесе агенцијата ТАСС.

Портпаролот на Кремљ оцени дека сепак е позитивно што Европската Унија бара начин за воспоставување дијалог со Москва.

 – Самото тоа што се бара некој што би можел да започне разговор со Русија е позитивен сигнал и тоа треба да се поздрави – рече тој.

Според Песков, најголемата грешка на Брисел била прекинувањето на дијалогот со Москва, што, како што наведе, довело до сегашниот ќорсокак во односите меѓу Русија и Европската Унија.

Тој додаде дека засега нема конкретни предлози за тоа кој би можел да води разговори со Русија.

Кремљ позитивно ја оцени и изјавата на унгарскиот премиер Петер Маѓар дека Будимпешта нема да испорачува оружје и воена опрема за Украина.

 – Ако некоја земја смета дека нема потреба дополнително да се разгорува конфликтот, тоа треба да се поздрави – истакна Песков.

Тој повтори дека мирот во Украина би можел да дојде побрзо доколку сите земји престанат со испораките на оружје за Киев.

Во своето обраќање, Песков се осврна и на односите со Узбекистан, оценувајќи дека интересот на Ташкент за Евроазиската економска унија е позитивен и заемно корисен процес.

Според него, рускиот претседател Владимир Путин и узбекистанскиот лидер Шавкат Мирзијоев имаат блиски и пријателски односи, што придонесува за развој на економската и инвестициската соработка меѓу двете земји.