Непознат, познат свет, 7

Прирачник за ослушување

Ја повика шефот. По партиска линија ракоположен на раководното место, неискусен, со краток стаж за таква функција, но можеби поради тоа што беше десетина години помлад од неа, а можеби затоа што така му кажале од штабот, на неа ѝ се обраќаше исклештено љубезен, одвреме-навреме обидувајќи се да се консултираат за некоја од тековните истраги.
-Добро утро, драга колешке – ја поздрави станувајќи од кожената фотелја. – Одлично изгледате утрово, госпоѓо Весела, – и по мала пауза, додаде – водата мирува, вие бранувате.
Уште една поговорка, помисли. Шефот имаше обичај да ги кажува, убеден, дека на тој начин остава впечаток кај присутните за неговото богато животно искуство. Всушност, често поговорката беше чуена–недочуена, на пример „двапати мери, двапати (место еднаш) сечи“ или „кови, кови, додека му е време“ (место „железото се кове додека е жешко“). Омилената сепак ја кажуваше точно – „чиста сметка, долга љубов“.
Се поздрави и сѐ уште држејќи ја за рака и гледајќи ја во очи, изјави: – Обдукцијата покажа дека не е исчезнатиот.
Некако успеа да ја ослободи раката за да му одговори: – Точно.
– Ми кажаа некој пијан питач бил. Се лизнал, паднал во реката, не знаел да плива.
– Не бил пијан. Се самоубил.
– А, така. Денес си, утре те нема… А овој нашиов, што мислите, ќе го најдеме? Има ли трага од него?
Не ѝ се зборуваше, но мораше да му каже неколку реченици – дека истрагата тече, дека ги испитала сите можни сведоци, од зградата, од фирмата, од подалечното семејство и братот, единствениот од поблиското, но дека решението е сѐ уште далеку. Од наједноставниот, најнепобитен факт – човекот го немаше!
Се врати во својата канцеларија, ѝ порача на секретарката да не пушта никого (што се подразбираше и за неа), ја затвори вратата. Внатре, конечно, се почувствува како во заштитена пештера. Тука, кога ќе се осамеше, што не ѝ се случуваше на пребучната работа или дома, каде што преоѓаше од една пренатрупана соба во друга иста таква, имаше свој простор да се смири, да навлезе во тековниот случај и да донесе потребна стратегија за понатаму.
Грицна од темното чоколадо од фиоката и се замисли.

(продолжува)