Фото: „Нова Македонија“

„ЗА ОВЧЕПОЛСКИТЕ РАБОТИ“ (2)

  • Овој фељтон се објавува со цел да се промовира туристичкиот потенцијал на Овчеполието, еден од регионите во Македонија што со векови ги предизвикува истражувачите да се запознаваат со скриените тајни од сите можни цивилизациски слоеви на човештвото што се наоѓаат под тлото на Македонија. Во текстовите што следуваат ќе можете да читате извадоци од магистерскиот труд „Управување и маркетинг на туристичкиот потенцијал во Овчеполската Котлина“, одбранет во 2017 година и преобјавен во 2022 година, дополнети со делови од едицијата во подготовка „Зборник за Овче Поле, книга 1-5“ и изданието „Имагинариум – Имагинариумот на Доктор СонЅе“

Во општината Свети Николе се наоѓаат повеќе култни места, стари цркви, чешми и кладенци, археолошки локалитети и села што заедно со природните ресурси ги привлекувале посетителите, патописците, новинарите и научниците уште од памтивек. На почетокот од третата деценија на 21 век, општината Свети Николе располага со туристички потенцијал што може позитивно да повлијае на целата економија во регионот. Општината Свети Николе како административна единица што зафаќа најголем дел од Овчеполскиот Регион располага со огромен туристички потенцијал, кој допрва треба да биде разумно употребен за стабилизирање на целата економија во регионот. Со овој информатор за првпат на едно место сите заинтересирани туристи и авантуристи можат да се информираат за најпознатите туристички атракции во општината и за непроценливото културно наследство на селата во овој регион.
Ридот Богословец и истоименото село се едни од најсниманите предели во историјата на македонската кинематографија. Највисокиот врв Свети Јован Богослов е висок околу 750 метри. Во атарот на селото се наоѓаат остатоци од стариот рудник „Македонија азбест“, кој работел во првите децении од втората половина на минатиот век. Во селото Богословец се наоѓа црквата „Свети Јован Богослов“ од 19 век, која е една од најголемите цркви од тој период во цела Македонија. На јужната страна од Богословец, во непосредна близина на Брегалница се наоѓа надалеку познатата „кисела вода“, која луѓето уште од многу одамна ја користат за лекување според народната медицина. За киселата вода постојат многу легенди, а овој извор е посетуван и ден-денес преку земјениот пат од Богословец до Брегалница. Во атарот на Богословец е и една од најголемите атракции во овие краишта – Редени Камења, геоморфолошка формација позната и како Ѓаволски Ѕид поради некогашното именување како Шејтан Дувари. Редени Камења претставува геоморфолошка формација што се наоѓа на јужната граница на општината Свети Николе. За оваа локација било пишувано уште од крајот на 19 и почетокот на 20 век, а во 21 век е една од најпосетуваните локации во општината и регионот. За оваа локација постои многу стара легенда, која уште се памети од населението во овие краишта. Богословец претставува вистински предизвик за сите посетители и туристи што сакаат да се запознаат со природните ресурси и културното наследство на Македонија.
Археолошкиот локалитет Билазора се наоѓа на возвишението Градиште во атарот на селото Кнежје, на 3,5 км југозападно од Свети Николе. Потврден антички град што постоел од 7 до 2 век пр. н. е. Во подножјето на локалитетот може да се забележи антички резервоар за вода. Ридот е поделен на три тераси, од кои е откриен бедем од камени блокови широки и до еден метар. На врвот од возвишението се наоѓаат остатоци од античка улица, населба и владетелска палата од пред нашата ера. Архитектурата на овој локалитет го прави најрепрезентативно античко наоѓалиште на овие простори. До локалитетот може да се стигне со автомобил или пеш преку асфалтниот пат и новоизградената пешачка патека. Археолозите претпоставуваат дека овде се наоѓал античкиот град на Пеонија – Билазора, име што многумина го читале и како Бела Зора.

Геоглифот во општината Свети Николе се наоѓа на едно мало возвишение кај Шарков Рид. Местото стана познато во целиот свет по научните истражувања во 2014 година за кои беа објавени научни трудови и се остварија промоции низ целиот Балкан. Геоглифот може да се посети по земјен пат преку селото Црнилиште и пеш од градот преку Вакав, Канда и Дудин Дол.
Говедаровиот Камен претставува импресивна камена формација, која се наоѓа на тумул од праисторијата. На ова место луѓе доаѓаат со векови секоја година ден пред Ѓурѓовден. Народните верувања кажуваат дека Говедаровиот Камен имал мистична моќ да помага за плодност и бериќет. Постои стар ритуал што посетителите намерници го прават со црвено-бели конци…Каменот е споменат во многу стари патописи, од кои најпознат е „Патување низ Југославија – Црно јагне и сив сокол“ (A Journey Through Yugoslavia – Black Lamb & Grey Falcon) на Ребека Вест, книга чиј наслов е инспириран од жртвувањето на јагнињата на Говедаровиот Камен во денешната општина Свети Николе.
Дигнат или Подигнат Камен во атарот на селото Патетино претставува мистериозна формација што привлекува со својата чудна форма и поставеност. Кај староседелците е зачувано предание според кое каменот го носел истото име уште пред векови. Ваквите геоморфолошки формации и денудациони форми стануваат сè поголема атракција за посетителите.
Ѓуриште е возвишение што е дел од Градиштанската Планина и се наоѓа во северозападниот дел од општината Свети Николе. На Ѓуришкиот Масив се потврдени многу археолошки локалитети, од кои најстарите се датирани дури во далечниот неолит. Ѓуриште е нарекувано „воздушна бања“ на Овчеполието. Возвишението активно се користи за излети, прошетки и кампувања. На Ѓуриште уште можат да се видат остатоци од ЈНА, цркви, села, а на еден од врвовите е сместена големата „топка“ – станица за хидрометеоролошки прогнозирања за целиот регион. Ѓуришкиот Масив изобилува со лековити билки и растенија. На Ѓуриште се наоѓа манастирот и црква „Света Богородица“. На местото од сегашната манастирска црква постоела друга, која во 16 век била срушена. Сегашната манастирска црква, во помали димензии и без купола, е возобновена пред околу еден век. Иконите на иконостасот се од 19 век, а фрескописот е нов. Ѓуришкиот манастир со црквата и старите конаци во изминатата деценија привлекува сѐ повеќе посетители и туристи. По реновирањето на црквата и конаците, бројот на соби што се достапни за престој е зголемен.

Во општината Свети Николе се наоѓаат повеќе камени формации и земјени форми за кои народот создал легенди и преданија. Во непосредна близина на градот се наоѓа големиот Црн Камен, на возвишението кај денешниот здравствен дом порано постоел огромен Бел Камен. Во атарите на повеќе села има месности што уште се нарекуваат Побиени Камења. Постојат многу камени формации што носат имиња како Самовилски Камен, Пашалиски Камен, Царичин Камен, Попова Глава, Глава, но и камења што можеби се обликувани за да личат на претстави на луѓе и животни. Освен горенаведените, заедно со Говедар Камен, Дигнат Камен и многуте други култни камења во Овчеполието, постојат и повеќе земјени формации, од народот често нарекувани и „кукли“, како и месности како Купче Камења, Грамади, Ѕидини итн.
Пред околу 40 години, по течението на Орелска Река, позната и како Мавровица, била изградена брана од земјен насип – вештачкото езеро Мавровица. Во изминатите години до браната беше уреден простор за излет и кампување, а овде се одржуваат и големи натпревари во спортски риболов. Овде доаѓаат сè повеќе риболовци, но и посетители и туристи. На локацијата каде што се наоѓа браната и во околината се потврдени многу антички локалитети од праисторијата, преку антиката и ранохристијанскиот период, до средниот век.
Во пониските делови на општината Свети Николе, особено во атарите на селата Ерџелија и Мустафино, уште можат да се видат остатоци од праисторискиот океан, кој станал море, кое се намалило во езеро, од кое денес останале „герените“ – „соленчаци“, за кои пишувале многу патописци, новинари и научници. Солената земја во Овчеполието е неупотребен ресурс, кој ги привлекува искусните туристи и патниците што се во потрага по природни реткости. Исти такви „геренливи места и извори“ има и во атарите на неколку села на повисока надморска висина. Месности со имиња како Слан Дол, Благ Дол и Топли Дол покажуваат не само за солени извори туку и за други минерални и топли води во општината Свети Николе.
За старите чешми што се наоѓаат во градот Свети Николе и селата во општината уште се раскажуваат преданија, приказни и легенди. Чешми со симболи за кои никој не знае од кога се, знаци и мапи има насекаде низ Овчеполието. Многу од овие стари чешми заслужуваат да бидат обновени и заштитени како културно наследство.
Во општината Свети Николе постојат повеќе стари цркви што ги привлекуваат посетителите и туристите. Освен остатоците од ранохристијански базилики, старите Црквишта и Манастиришта и камените крстови, и старите храмови градени во 15 и 19 век на темели од постари цркви што се наоѓаат во денешната општина Свети Николе се импресивни по својата големина, вид на архитектура и фрескопис. За најстара се смета црквата „Свети Никола“ во Буриловци, која потекнува од 9 век и е со зачуван фрескоживопис од 15 век. Многу зачувани фрески можат да се видат и во црквата „Свети Николај“ во Мечкуевци. Од 19 век се и црквите во Богословец, Кнежје, Преод, Сопот и други села. Срушени цркви можат да се видат во селата Трстеник, Немањици, Строиманци и многу други села во општината Свети Николе.
Старите крстови во општината Свети Николе може да се видат не само во градот туку и во атарите на речиси сите села во општината. За некои од овие споменици на минатото постојат преданија и легенди, а за некои се знае дека се белези на места на кои порано имало цркви. Камените крстови најчесто се наоѓаат на локации од каде што можат да се видат прекрасни пејзажи од Овчеполието…

М-р Никола Ристевски

(продолжува)