Иранските државни медиуми денеска ги објавија клучните „црвени линии“ на Техеран во преговорите со САД, меѓу кои се нуклеарната програма, контролата врз Ормускиот Теснец и одмрзнувањето на иранските финансиски средства под санкции.
Иранската новинска агенција ИРНА објави дека инфраструктурата на иранската нуклеарна програма „не е предмет на компромис“. Според достапните информации, Иран располага со речиси 400 килограми високо збогатен ураниум, за кој Техеран тврди дека е наменет за мирнодопски цели.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека збогатениот ураниум на Иран треба да биде предаден на САД или уништен на друга договорена локација.
Како втора „црвена линија“, Техеран го посочува правото на разузнавачки и оперативен надзор над Ормускиот Теснец, стратешки важен поморски премин низ кој поминува значителен дел од светската нафта.
Третото клучно барање на Иран е ослободување на замрзнатите финансиски средства. Техеран бара одмрзнување на околу 24 милијарди долари, а агенцијата Мехр објави дека иранска делегација пристигнала во Катар со цел да обезбеди ослободување на 12 милијарди долари.
Во меѓувреме, американскиот државен секретар Марко Рубио оцени дека мировните разговори со Иран би можеле да траат „неколку денови“.
Тензиите дополнително се зголемија откако американските сили утрово извршија напади врз цели во Иран, тврдејќи дека станува збор за одбранбени акции.
Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека американската армија го прекршила договорот за прекин на огнот во покраината Хормозган, додека Иранската револуционерна гарда порача дека го задржува правото на одмазда за секое кршење на примирјето.
Иранскиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи предупреди дека земјите од регионот повеќе не можат да служат како „штит“ за американските воени бази.

































