Воен рок: од хеликоптер-родителство до општествена отпорност
- Во оваа колумна ќе аргументирам од позиција на граѓанин што ја согледува социјалната реалност, но пред сè како професор по безбедност што ги анализира современите ризици. Целта ми е да објаснам зошто сметам дека воведувањето воен рок е суштински добро за државата и зошто тој концепт е многу повеќе од обична воена обука – тој е школа за државност
Хибридни закани и практични вештини за „изгубените“ генерации
Од безбедносна перспектива, природата на ризиците е драматично променета. Сведоци сме дека општествата денес се соочуваат не толку со класичен удар од масовни туѓи армии што преминуваат граници туку со асиметрични удари: екстремни климатски непогоди, еколошки катастрофи, саботажи на критична инфраструктура и хибридни закани. Противникот денес често е невидлив. На пример, само една вешто пласирана лажна вест или кибернапад врз енергетскиот систем може да предизвика колапс на комуникациите, масовна паника или настани што сериозно го загрозуваат јавниот ред пред воопшто да биде испукан еден куршум. Во такви сценарија, тенковите не помагаат, туку помагаат свеста и смиреноста на граѓаните.
Воениот рок, освен социјалната кохезија, има огромен неискористен капацитет да ги научи младите на конкретни вештини, кои се директно и животно применливи во цивилниот сектор. Модерниот урбан живот, колку и да е удобен, произведува опасна функционална зависност. И тука морам да бидам брутално искрен: ние создаваме генерации што се технолошки супериорни, способни да програмираат или да водат глобални бизниси од мобилен телефон, но кои се функционално неспособни за базично преживување во првите 48 часа од некаква криза. Веројатно веќе доаѓа време кога обичен вентил за вода ќе мора да го смениме сами, да поправиме осигурувач за струја или да поставиме вреќи со песок при поплава. Занаетчии и стручни служби има сè помалку, а во услови на криза тие се првите што стануваат недостапни.
Уште поважно, овој тип обука значи развој на вештини што би ги ставиле граѓаните во улога на примарни спасители во рамките на поширокиот систем за заштита и спасување. Ајде да бидеме реални: во современиот концепт на одбраната не ни требаат сите граѓани исклучиво за борбени задачи на фронтот. Но очајно ни требаат луѓе што можат да организираат и да командуваат со евакуација на зграда, што знаат да направат основна тријажа на повредени, што умеат безбедно да извлекуваат од урнатини по земјотрес или да локализираат почетен шумски пожар пред тој да проголта цели села. Секоја поголема несреќа низ светот, без разлика колку е развиена државата, ни покажува една иста сурова вистина: професионалните служби (полиција, пожарна, брза помош) се ограничени по број и ресурси и при масовна катастрофа тие брзо се преоптоваруваат. Во тие клучни први часови (т.н. златен час), разликата меѓу мала штета и катастрофа со огромни човечки загуби ја прават исклучиво однесувањето, дисциплината и подготвеноста на самото локално население.
Отпорно општество како нова мерна единица
Сите овие претходно наведени елементи неминовно водат кон една врвна стратешка цел: градење вистински отпорно општество. Во децениите што претстојат, кои очигледно ќе бидат карактеризирани со геополитичка нестабилност и еколошки кризи, отпорноста (resilience) дефинитивно ќе остане главната, ако не и единствената, релевантна единица мера за национална безбедност. Оваа отпорност повеќе нема да се мери само преку бројот на тенкови, авиони или големината на воениот буџет, туку исклучиво преку капацитетот и степенот на апсорпција на каков било дестабилизирачки удар. Тоа значи способност на општеството, дури и под силен стрес, да не колабира, туку да продолжи со непречена реализација на сите свои витални функции – од одржување на јавниот ред и континуитет во здравството и транспортот, до заштита на основните синџири на снабдување со храна и енергија.
Проблемот со кој често се соочуваме е што отпорноста не се гради само со пишување одлични национални стратегии, закони и бирократски документи, кои, за жал, најчесто остануваат затворени во фиоките на министерствата. Таа се гради исклучиво со практична вежба, институционална навика и, пред сè, меѓусебна доверба меѓу граѓаните и државата – создавајќи еден вид општествена „мускулна меморија“ за дејствување во криза. Колку е поголема оваа внатрешна отпорност, толку се помали и поевтини последиците од која било криза. Силно верувам дека модерно конципираниот воен рок може директно да придонесе токму во оваа насока, создавајќи широка, децентрализирана мрежа на свесни и обучени граѓани. Тие граѓани всушност стануваат првиот и најважен „амортизер“ на секој шок врз системот, осигурувајќи дека една локална криза нема да прерасне во општа национална катастрофа.
Психолошки развој: Крај на хеликоптер-родителството
Како суштински аргумент, кој често се занемарува во чисто техничките дебати за одбраната, ќе го земам психолошкиот аспект. Психолозите многу добро знаат дека во развојот на личноста, по пубертетот следува адолесценцијата – клучен период на оформување зрела личност. Во овој период од критична важност е потребата индивидуата да изгради вештини за самостоен живот и да се чувствува вистински независно. Тоа е неопходниот пат кон самопотврдување, пред воопшто да дојде до подоцнежната самоактуализација. На крајот на денот, сите ние длабоко се надеваме дека нашите ќерки и синови ќе бидат генерацијата што ќе им остави еден подобар и посигурен свет на оние што доаѓаат по нив, но за таков потфат им е неопходна храброст, која едноставно не се учи во домашната комфор-зона.
Токму контролираното одделување на младите личности од нивните примарни семејства, според мое мислење, би овозможило драстично зајакнување на овие животни вештини и би резултирало со похрабри млади луѓе, способни да носат самостојни одлуки без парализирачки страв од неуспех. Впечатокот ми е дека модерното таканаречено хеликоптер родителство – тој константен презаштитнички став изразен низ фразите „нашето дете“, „зошто баш ти да се мачиш кога може друг“, „седи си тука, што ти фали“ – создаде цела една демографска група луѓе што немаат храброст да се спротивстават на реалните животни предизвици. Со намера да ги заштитиме од секој можен стрес, ние всушност им ја ампутиравме способноста за самостојно решавање проблеми.
Оваа нова генерација денес често и болно се судира со „силните личности“ родени во 50-тите и 60-тите години на минатиот век. Иако за постарите генерации постои огромен простор за легитимна критика поради нивната нееластичност, повремена авторитарност и неподготвеност да учат нови работи во дигиталната ера, тие сепак поседуваат една клучна особина: базична животна издржливост, која очајно им недостига на младите. Контролираното излегување од комфор-зоната преку модерен воен рок може да биде токму тој институционален мост што недостига. Тој ќе им помогне на младите да изградат карактер преку соочување со пречки, учејќи ги дека неуспехот е само лекција, а не крај на светот. Тоа е здравиот излез кон градење функционални општества засновани на релативна праведност, знаење, напорна работа и доблест.

Институционална грешка: полициско училиште наспроти воена селекција
На крајот, морам да адресирам и една исклучително важна актуелна институционална дебата во нашата држава. Верувам дека сите вистински професионалци од безбедносниот сектор ќе ме разберат: во војска, преку реални предизвици и физички стрес-тестови, природно ќе се препознаат и ќе дојдат до израз луѓето што навистина сакаат и, што е уште поважно – имаат ментален капацитет да работат во униформирани професии што се грижат за општото добро (полиција, пожарна, итна помош, цивилна заштита). Тоа е најдобриот, природен филтер на системот.
Во оваа смисла, сметам дека е огромна, дури и стратешка грешка враќањето на идејата за создавање средно полициско училиште. Дете на 14-годишна возраст едноставно не е ниту психолошки, ниту емотивно зрело да донесе конечна животна одлука за една толку специфична, ризична и стресна професија што вклучува носење оружје и примена на сила. Државниот систем не смее да калапи деца во униформи пред тие воопшто да го осознаат светот надвор од основното училиште. Тоа е решение засновано исклучиво на носталгични сеќавања на едно романтично минато, кое никогаш нема да се повтори.
Би упатил сериозен апел до оние што ја застапуваат оваа идеја да размислат уште еднаш, ослободени од емоции: времињата од 70-тите, 80-тите и 90-тите години на 20 век се трајно завршени. Тогашниот општествен контекст, безбедносните предизвици и профилот на криминалот беа дијаметрално различни. Ние не можеме со рециклирани решенија од минатиот век да креираме безбедносни одговори за третата и четвртата деценија на 21 век, каде што доминираат киберкриминал, хибридни закани и софистицирани мрежи.
Современо поставен воен рок (на возраст од 18 или 19 години, кога личноста е веќе контурирана) е многу подобар, поправеден и позрел механизам за препознавање таленти, психофизичка селекција и регрутација на квалитетен кадар за безбедносниот апарат отколку застарените образовни модели што создаваат затворени касти уште од рана младост.
Заклучок: инвестиција во човечки капитал
Секако, за да има ваквата идеја целосен легитимитет во едно демократско општество, мора отворено да се адресираат и реалните ризици. Современиот воен рок не смее ниту за миг да стане простор за злоупотреба, малтретирање, губење време или партиска политизација. Тој мора да подлежи на строги стандарди, модерна методологија и независен цивилен надзор. Дополнително, апсолутно е неопходно да се понудат широки опции за алтернативна цивилна служба. За оние што од етички или други причини не можат или не сакаат да носат оружје, системот мора да понуди интензивна обука за цивилна заштита, логистика, справување со еколошки катастрофи или асистенција во здравството. На тој начин, секој придонесува во системот, без исклучок и без простор за привилегирани.
Мојата клучна теза е следна: современо конципираниот воен рок никако не треба да се разбере како ретроградно „враќање наназад“ кон минатиот век, туку како најисплатлива стратешка инвестиција во човечкиот капитал за безбедност и општествена отпорност. Преку заедничкото совладување на предизвиците најдобро се гради суштинска припадност кон државата, која денес ни е сериозно разнишана. Етичките, моралните и вредносните правила не се учат од билборди или од празни политички говори, туку се градат најмногу со лични примери на солидарност. Воведувањето воен рок е идеална институционална шанса да го промениме тој личен пример и како општество да започнеме одново, на поздрави темели.
На крајот, математиката е неумолива: ако навистина сакаме држава што реално функционира во криза, тогаш прво мора да создадеме граѓани што знаат да функционираат во криза. Во свет каде што комфорот често и наивно го прифаќаме како трајна природна состојба, зрелата безбедносна политика започнува со една многу едноставна, но сурова претпоставка: непредвидливото – било да е тоа геополитички потрес, инфраструктурен шок или еколошка деградација – сигурно ќе се случи. Прашањето повеќе не е дали, туку кога. А нашата единствена должност е тој момент да нè начека подготвени – индивидуално и колективно.
крај
Проф. д-р Александар Иванов
































