„Со умот Русија не може да се сфати,
Со аршин општ не се измерува.
Посебен карактер таа има,
Во Русија може само да се верува.“
Фјодор Тјутчев
„Русија пак“ е насловот на нашата денешна колумна, драг читателу. Зошто? Затоа што не знам по кој пат пишувам за таа земја и нејзиниот братски народ. Неа ја почнуваме со четворостишието на знаменитиот руски романтичар Фјодор Тјутчев, најфилозофскиот руски поет, откритие на Пушкин. Тој бил и врвен руски дипломат во Германија, каде што бил пријател со бардот на германската идеалистичка филозофија Шелинг, а другарувал и со Гете. По Германија бил руски амбасадор и во Италија. Добро е, пак, што денес не е жив и не е амбасадор во Македонија, која сигурно немаше добро да си помине во политиката и политичарите, освен во убавата и простосрдечна душа на обичниот македонски народ, слична и на душата и на рускиот народ. И тој ќе ја почувствуваше сегашната неприродна и дипломатски некултурна аверзија на македонските политичари кон Русија, за разлика од обичните Македонци, кои ги сакаат „руската душа“, поезија, музика, филозофија, наука и култура. Тоа е тоа. Но добро е што новиот руски амбасадор Дмитриј Зиков го поздрави по неговото доаѓање кај нас и го почести со интервју (Христо Ивановски), „Нова Македонија“. Во него тој беше многу отворен, па без заобиколување ја дијагностицира непријателската настроеност на македонската политика кон Русија, со која (моја забелешка) ние се однесуваме не како со земја што, како што вели Тјутчев, не може дури ни со умот да се измери, туку како со некое мало „смачкано племе“ (Конески) како нас што е политички и културно инфериорно кон големите, како ние кон Вашингтон и Брисел.
Знам добро, драг читателу, како помина во Македонија за време од седум години претходниот руски амбасадор Сергеј Баздникин. Тој тука ја доживеа и почувствува и западната хистерија против неговата земја на македонските политичари од кои лично беше непристојно, без политичка и дипломатска култура, крајно игнориран. Тоа беше времето на обновата на западната американска макартистичка хистерија против Русија од педесеттите години на минатиот век. Сепак, доброто е во тоа што амбасадорот Баздникин добро ги почувствува и засака душата на обичниот македонски народ и македонскиот медитерански пејзаж и култура. Тој стоички ги поднесе сите игнорирања и анимозитет кон него и неговата земја на македонската до патолошка заслепеност западна сервилност политика, а си замина од тука и со горчина и иронија. Како да изгледа дека тој имаше проштално ракување само со „Македонски манифест“ и неговите членови, како и со некои негови други македонски пријатели, кои ги носат во себе душата и културата, а не и политиката на македонските политичари кон Русија. Но и тоа не е малку, затоа што знам дека тој си замина во необјатна Русија сепак со љубов кон Македонија и Македонците.
Ако го побараме политичкиот анимозитет кон Русија, него секако ќе го најдеме денес кај западната бриселовашингтонска цивилизација. Конкретно, генезата на европскиот анимозитет кон неа е дамнешен, а тоа значи не само кон неа туку воопшто и кон словенскиот свет. Нашето до сервилност и понижение туркање кон Брисел, но од неодамна и кон Вашингтон, од Трамп наваму и неговиот лажен суверенизам, кој под тоа го подразбира, како што се виде, само американскиот хегемонизам, навистина нема граници на достоинство, така што ние како по дефиниција да мораме да ја мразиме Русија. Небаре сме Англосаксонци, оние што за време на Петар Велики ќе се зададеа со воените бродови накај неа за да ја напаѓаат и вознемируваат, а потоа кога ќе видеа зорт се враќаа бегајќи назад, заплашени од фактот колку Русите се храбри и си ја сакаат татковината. Од Западот пред Хитлер само Наполеон имаше дрскост и храброст да влезе во Русија. Наполеон, малото човече по раст, и за да завладее со Русија и да порасне, болен од наследениот француски нарцизам ја запали незаштитената Москва. Но потоа знаеме како помина во руската зима и во Бородино. А знаеме како помина и Хитлер во Русија, чија Советска Црвена армија го заби знамето со срп и чекан на Рајстагот во Берлин прва од сојузничките војски, за што до денес не можат да им простат Американците. Но затоа тие за компензација триумфираа со нивната атомска бомба и Хирошима и Нагасаки, со што како што се покажа тоа подоцна директно го презедоа знамето на фашизмот од Германците во некој вид нов облик и како поспособни од нив. А за да не испаднам американофоб, драг читателу, само ќе ти речам дека за тоа нешто вели и генерал Камингс, еден од ликовите на култниот роман „Голи и мртви“ на сјајниот американски романсиер Норман Мајлер. А вели дека Германците се килави за фашизам за разлика од виталните Американци, чиј суров витализам го слави и највлијателниот современ американски поет Волт Витмен. Вели дека тие со нивниот мускулест и енергетски витализам се многу поспособни од Германците за таа воена „уметност“. Тоа се покажа посебно по нивните рани претседатели Линколн и Џеферсон, единствените Американци со космополитска визија, кои Америка ја замислуваа како светска мировна, а не воена сила на суров хегемон. Но како што покажа историјата, работите многу брзо таму тргнаа во обратен правец. Итн.
Така. Туку битен и основен мотив на македонскиот политички анимозитет кон Русија е во нејзината војна со Украина, без добро да се проанализираат причините за неа, притоа слепо поведувајќи се по ставот за неа на Вашингтон и Брисел. Оти таа војна е долго време, имено, фингирана и подготвувана, имено, токму од евроамериканскиот запад. Беше укинат од страна на Украина Минскиот договор за мирна коегзистенција и средување на работите, и рускиот јазик повторно беше забранет за употреба во јавниот простор во Украина, а украинските нацифашисти палеа руски хотели со живи луѓе во нив. Итн. Сè тоа беше финансирано и поддржувано од Западот. Тука е важно и, надвор од договорите потпишани порано и агресивното ширење на НАТО кон Русија, преку Бугарија и Романија до балтичките земји и Украина, каде што таа западна воена организација имаше намера да заседне и да може лесно да ја порази воено Русија. Арно ама Путин не го дозволи тоа и ја започна против Украина специјалната воена операција за нејзина, како што рече тој, денацификација. Така, парадоксално, но вистинито војната меѓу двата братски народи што имале една заедничка држава во средниот век во Киевска Русија и сега до ден-денес е фактички војна на Русија со целиот колонизаторски запад и неговата воена алијанса НАТО, а Украинците се еден вид нивни воени жртви, кои не се борат само за одбрана на својата татковина туку и за победа на Брисел и Вашингтон над Русија. Или, ако не можат, да ја добијат неа, барем за нејзино економско и друг вид ослабување, што се покажа сепак како неуспешен проект.
Европа ниту некогаш сфатила ниту сега сфаќа дека Русија е нејзин природен дел и дека без неа таа никогаш не ќе може да постои како една хомогена цивилизациска целина. Така, нејзиниот анимозитет кон неа воленс/ноленс постојано ја туркал и сега ја турка кон Азија, која, за жал, никогаш не ги разбирала нејзината мистика и метафизика, туку секогаш ја сметала за варварска, поистоветувајќи ја со Монголите на Џингис-хан, Хуните, Аварите, Татарите и сличните. Тие што Русите честопати ги одбивале во нивниот налет кон Европа, бивајќи така нејзин штит од нив. За тоа нешто важно говори и мојот омилен руски поет Александар Блок, еден од најголемите по Пушкин, во неговата последна претсмртна песна „Скити“ (Скифи). Во неа тој, крајно разочаран од Европа ѝ се обраќа нејзе за братска цивилизациска прегратка со неговиот народ презрен од неа. Вели: „О, елате кај нас! Од војната страв што сее / Дојдете ни во прегратка вие // спуштете го мечот дури доцна не е / Пријатели! Браќа ќе сме ние.“ Итн. А потоа во друга строфа, ако Европа ја одбие понудената братска руска прегратка тој додава: „Но отсега нема да сме штит ваш ние / Нити крвта наша за вас ќе се точи, / Ќе гледаме само како бојот смртно врие / Со своите тесни коси очи.“ И потоа за да бидат доведени работите на цивилизациското недоразбирање докрај уште: „Нема да трепнеме кога Хуните ќе крадат / Од џебот на мртвите дури ги влечат, / И ќе палат градови терајќи во цркви стада, / И месото на белите браќа ќе го печат.“ (препев Е. К.)
Овие стихови на Блок се вознемирувачки, напишани во 1918 пред неговата смрт. Така, но Европа не се опамети ни по двете светски војни во кои Русија со Советската армија даде 27 милиони жртви за сега за тоа да ѝ се возвраќа тоа како благодарност од Европа, која фактички го потенцира варварството кон другите за да го забошоти сопственото, кое почнува со темпларите и крстоносците во 11 век и продолжува посебно планетарно интензивно по Колумбовото откритие на Америка со конквистадорите. Тука е и инквизицијата на сопственото тло, а подоцна доаѓаат и фашистите, а по нив неофашистите денес преоблечени во либерално-глобалистичко и корпоративно руво. Голема е историјата на западноевропското колонијалистичко варварство. Од континентите по Америка каде што Англосаксонците убија на различни начини 15 милиони Индијанци, најмногу од нив страдаше Африка, која дури денес се ослободува од неговите стеги, и тоа во добра мера благодарение на кинеската иницијатива „Појас и пат“ како дел од БРИКС во неа.
Тоа и толку. Европа никогаш не разбрала колку многу копнеела Русија за братска цивилизациска синтеза со неа, за што е најдобар сведок најголемиот државник и, ако сакаш драг читателу, и цивилизациски визионер Петар Велики. Тој и го изградил, имено, прекрасниот Петроград на балтичките мочуришта за да се поврзе со од него саканата Европа. Патувал низ неа со својот познат архитект Растрели и научна екипа за да ја запознае ренесансната западна култура и да го донесе најубавото од неа во Русија. Го донел во Петроград да предава во тоа време можеби најдобриот европски математичар Ојлер, а и бил во Лондон да разговара за истата цел и со Исак Њутн. Па останал околу две години и во Холандија да го изучува бродоградарскиот занает за да изгради силна руска поморска флота. Итн. И Достоевски многу ја сакал Европа и високо ги ценел нејзината цивилизација и култура, но бил и страшно разочаран од нејзиниот понижувачки и варварски однос кон неговата татковина.
Но залутавме малку, ама корисно, драг читателу. И ние чесните Македонци сме страшно разочарани од Европа што, заедно со Вашингтон, идентитетски нè ликвидира, но од Русија не сме. Кога го велам тоа пак мислам на обичниот македонски народ со широко отворено срце кон Русија и кон Русите. Ние не можеме вечно да зборуваме за односот на Царска Русија кон нас и нејзината неправедност. И тогаш имало учени луѓе и слависти што ја знаеле вистината за Македонија, македонскиот јазик и идентитет. Во минатиот век беше посебно силно изразено тоа. Најдобрите руски слависти како Селишчев и Бернштајн беа големи македонисти. Ситуацијата сега е изменета и покрај нашиот анимозитет без елементарна и политичка и секаков друг вид култура кон Русија, кој е конфузен и неразбирлив. Па и новоназначениот руски амбасадор во Македонија Дмитриј Зиков во своето интервју во „Нова Македонија“ (9 април 2026) искрено и со отворено срце рече: „Во нашата земја секогаш се сеќаваме и секогаш ќе се сеќаваме дека токму од македонското тло светите рамноапостоли просветителите Кирил и Методиј и нивните ученици им ја донесоа на пределите на рускиот народ светлината на православната вера. Им оддаваме почит на македонските борци на отпорот, кои храбро се бореа против фашизмот во време на Втората светска војна и дадоа достоен придонес во нашата заедничка голема победа.“ Итн. А Путин рече дека и писменоста, Словото божјо доаѓа во Русија од Македонија. Па малку ли е тоа, драг читателу.
Нашата до апсолут прозападна бриселовашингтонска политика е погрешна. Ние сме апсолутен и политички апсолутно сервилен сојузник со оние што ги вложија сите свои сили, нечисти влијанија и страшни притисоци идентитетски да нè ликвидираат, а таа сурова политичка западна операција уште трае и не се знае до кога. За политичар и политика е потребна долгорочна и длабока визија, а не од ден за ден, од денес до утре. Треба да знаете кој ќе ви биде потребен за најмалку следните сто и кусур години, а не овој и идниот месец. Уште треба да знаеме дека светот има четири, а не само една страна ‒ западна. Па оттаму ли треба задолжително да изгрева сонцето. Ние политички апсолутно пејоративно се однесуваме дури и кон една голема и мирољубива никогаш колонизаторска земја како западната цивилизација.
И уште, ако сме мала земја и народ на едно мало парче земја, „смачкано племе“, како што велеше Блаже Конески, тоа не значи и дека треба да бидеме срамно снисходливи и сервилни кон оние големите западни што ја ништат нашата исконска меморија, за која еве повеќе од нас се свесни и Русите, кои нашиот министер за надворешни работи и нашата политика ги игнорира, отколку самите ние, за жал. Нешто треба политички радикално да се менува кај нас. Ни требаат политичка и општомакедонска храброст, визија за нашиот опстанок и иднина, која е незамислива без нашето генеричко и длабоко минато од кое се откажавме само со потпис на едно велепредавничко пенкало. Сега во светот има нешто големо, замислено и обновено како древно наследство на една мирољубива огромна и мудра земја Кина, нејзините светски проекти „Патот на свилата“ и „Појас и пат“, патиштата на новата глобална, но не западноколонизаторска, економска, културна и духовна формација што се вика БРИКС. Тука се и Русија, Индија, Бразил. Не е ли баш сега кога од запад уште не попушта притисокот за наша тотална идентитетска гибел да размислиме храбро за приклучување на тој пат, таму каде што ќе нè почитуваат и ќе се самопочитуваме? А? Nocturno. De profundis. Memento mori.































