Илустрација / Фото: Маја Јаневска Илиева
  • Министерството за социјална политика, демографија и млади не одобрила продолжување на лиценцата за работа на центарот, иако, како што велат оттаму, документите биле поднесени во соодветен рок
  • Станува збор за лица кои зависат од секојдневна помош за основните животни потреби – хранење, одржување хигиена, давање терапија и грижа во домашни услови. Дел од нив се неподвижни и со години врзани за кревет

Околу 270 стари и немоќни лица од Скопје и Струмица минатата недела останаа без услугата негувател што ја добивале преку Нега Центарот на Црвениот крст, откако администрацијата на Министерството за социјална политика, демографија и млади не одобрила продолжување на лиценцата за работа на центарот, иако, како што велат оттаму, документите биле поднесени во соодветен рок.

Станува збор за лица кои зависат од секојдневна помош за основните животни потреби – хранење, одржување хигиена, давање терапија и грижа во домашни услови. Дел од нив се неподвижни и со години врзани за кревет.
Нега Центарот е еден од провајдерите кои во договор со министерството пружаат ваква услуга на лицата на кои им е потребна.

Без работа останале и околу 90 негуватели, чиј надоместок за работа доцни во последните години.

Семејствата на корисниците сега се обидуваат сами да се организираат, додека оние што немаат блиски се надеваат на волонтерска помош од Црвениот крст.

-Минатата недела ми се јавија од Нега центарот и ми кажаа дека мајка ми повеќе нема да ја добива услугата. Таа има 86 години и четири години е врзана за кревет. Ни рекоа дека можеби повторно ќе се склучи договор, но не знаат кога. Дотогаш ќе мора сами да се снаоѓаме – вели Маја Илиева од Скопје.

Таа прашува дали семејствата повторно ќе треба да собираат документација и да поднесуваат барања, иако состојбата на дел од корисниците не е променета.

-Што е со луѓето што живеат сами и зависат од негувателите за најосновните потреби? – прашува Илиева.

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади во првичниот одговор посочија дека секој давател на социјални услуги е должен 90 дена пред истекот на лиценцата да поднесе барање за продолжување.

-По јавен повик од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади, министерството со секој лиценциран давател за социјални услуги склучува управен договор со рок на реализација, зависно од дозволата за работа. Министерството располага со список на лиценцирани даватели за социјална работа, како и мрежа на овластени даватели за социјална работа. Секој давател на социјална работа на кој му истекува лиценцата е задолжен во рок од 90 дена пред истекот на дозволата да аплицира за нејзино продолжување. Како министерство, апелираме сите даватели да ги почитуваат законските рокови и да постапуваат согласно законските обврски – наведуваат од Министерството.

Но, од Нега Центарот на Црвениот крст тврдат дека роковите биле испочитувани. Според нив, комисијата за лиценцирање излегла на терен во Скопје дури на 24 април, а документите за лиценцирање биле поднесени на 12 февруари, во законски рок. Центарот, велат, ги отстранил сите забелешки на комисијата, но решенијата сè уште не биле доставени за сите општини.

На дополнителните прашања до министерството зошто навреме не се завршени овие процедури, што со корисниците на услугата кои немаат помош, зошто не се внимава да не се направи временски теснец за луѓето кои зависат од оваа услуга уште не добивме одговор, а штом ќе го добиеме ќе го објавиме. Н.Б.З.