Фото: приватна архива

Тајните на најдобрите просветни работници: Гордана Угриновска, одделенска наставничка од Битола

  • Како резултат на овие активности, кај учениците се забележува зголемена самодоверба и подобра организација на слободното време. Мојата цел, во овие завршни години од мојата професионална кариера, останува иста: да ги опремам со алатки што ќе ги направат слободни и успешни луѓе, вели Угриновска

Гордана Угриновска е дипломирана учителка со над триесет и три години активна образовна кариера. Одделенска наставничка е во ООУ „Елпида Караманди“ во Битола. Таа секојдневно и во училницата, но и надвор од неа прави нешта што се добар пример за нејзините ученици, но и за сите деца. Има искуство како обучувачка на наставници за активна настава на ниво на Македонија, а менторка е и на студенти при Педагошкиот факултет во Битола. Покрај наставните вештини, таа поседува и лиценца за образовна инспекторка, а била и на функцијата помошник-директор во своето матично училиште.

Да се задржи живиот спомен на сопственото школување

Ќе истакнеме дека има изготвено и експертиза за активна настава, интерактивно учење и инклузија на децата со посебни образовни потреби, како и работа со деца со аутистичен спектар. Таа е учесничка во тимовите за мултиетничка интеграција во образованието и во супeрревизија на интеркултурни размени во Швајцарија.
За својата посветена работа, таа е добитничка на повеќе награди. Во 2006 година ѝ е доделена наградата „Кирил и Методиј“ за најуспешен наставник во одделенска настава на ниво на Општина Битола. Во 2018 година е носителка на признанието „Просветен работник на годината“ за постигнати видни резултати, кое го доделуваат Сојузот на просветните работници на Македонија и МОН. Во нејзината богата биографија ќе ги спомнеме уште и признанието и благодарницата за менторство од „Заводот и музеј-Битола“ за реализација на проектот „Графиката – израз на детската креативност“.
Угриновска е членка на комисиите за самоевалуација и за развојни програми и стратегии за младинско учество во Општина Битола. Исто така, членка е на претседателството при Сојузот на просветни работници на Македонија, како и на Општинскиот совет за превенција од детско престапништво на Општина Битола.
– Како наставник што со децении го следи развојот на младите умови, секогаш се водам од принципот дека добриот педагог мора да го задржи живиот спомен на сопственото школување за да може вистински да ги разбере предизвиците на своите ученици – вели наставничката Гордана Угриновска.

Добро испланирано време за повеќе знаење

Во работата со својата претпоследна генерација, како што вели, е фокусирана на имплементација на конкретни методологии за ефикасно учење. Па методите што одлучи да ги сподели со читателите на „Колибри“ претставуваат сублимат на сето она што го работела, набљудувала и го постигнала заедно со своите ученици во училницата и надвор од неа.

Преку директен дијалог и вежби, со учениците тестирала и вовела повеќе когнитивни алатки, со цел да го оптимизира нивното време и да го подобри квалитетот на знаењето.
– Преку техниката помодоро, која претставува оптимизација на фокусот, наместо исцрпувачки и пасивни сесии, воведовме структура од дваесет и петминутен интензивен труд проследен со петминутна когнитивна регенерација. Набљудувањата покажаа дека овој ритам драстично го намалува менталниот замор кај учениците и ја зголемува нивната вкупна продуктивност – забележува Угриновска.
Блекаут-техниката, пак, која претставува активен метод за самоевалуација, се покажала како клучна за надминување на илузијата на знаење.
– Учениците вежбаа како по обработката на материјалот, на празен лист да ја реконструираат суштината на лекцијата. Ова не само што ги зајакна нивните мемориски капацитети туку им овозможи точно да ги лоцираат своите „критични зони“ за доучување – објаснува наставничката.