Судењето за деветтемина полицајци обвинети за поврзаност со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ е одложено за 1 јуни. Одлуката е донесена со цел одбраната да добие време за обезбедување и увид во доказите.
Судскиот процес го води судијката Ленка Давиткова, додека обвинението го застапува обвинителката Спасенка Андонова.
На денешното рочиште, дел од одбраната побара Судот да упати барања до МВР, Бирото за јавна безбедност и Управата за јавни приходи за доставување на докази, нивна евентуална декласификација, како и овозможување увид за вешто лице кое треба да изготви вештачење, пренесе МИА.
Обвинителката Андонова посочи дека Обвинителството ќе се произнесе по овие барања откако ќе ги добие и анализира бараните материјали. Таа нагласи дека дел од доказите веќе се доставени од одбраната, но за други сè уште се чека одговор од надлежните институции.
Одбраната на обвинетиот Димче Аврамов побара да се обезбеди доказ од предмет за кој постапката е веќе запрена. Според нив, овој доказ покажува дека обвинетиот три години барал увид во документацијата за „Пулс“, не давал согласност за издавање лиценца и дека потписот го ставил по наредба од повисок старешина.
Обвинението, поднесено од ОЈО-ГОКК, ги товари деветтемина за злоупотреба на службената положба. Според обвинението, тие во период од една година не ги презеле потребните службени дејствија и проверки поврзани со јавната безбедност и сообраќајните услови, кои биле клучни за издавање лиценца за работа на дискотеката.



































