Фото:Притскрин/видео Глас на Америка

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека примирјето меѓу САД и Иран засега се почитува, но нагласи дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп не се стреми кон краткорочно решение, туку кон сеопфатен договор со Техеран.

– Во моментов примирјето се почитува – изјави Венс, додавајќи дека разговорите меѓу двете земји одржани викендов во Пакистан донеле „значителен напредок“, иако не е постигнат конечен договор.

Како клучна пречка за договорот, Венс го посочи ставот на Вашингтон дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје.

Тој истакна и дека Иран не треба да поддржува тероризам, нагласувајќи дека целта на САД е договор што ќе овозможи интеграција на земјата во глобалната економија.

Во меѓувреме, американски медиуми, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите, наведуваат дека Венс би можел да ја предводи американската делегација во евентуална нова рунда преговори. Во процесот би можеле да се вклучат и специјалниот пратеник Стив Виткоф, како и Џаред Кушнер.

Примирјето истекува следната недела, а како можен термин за нови разговори се споменува четврток.