(филмофилски импресии)
***
Скрпениот дом на Таип и Ремзија и на нивното многубројно тригенерациско семејство е сместен веднаш до депонијата, инаку „извор“ на егзистенција од присобирање и продажба на старо железо. Живеалиштето, градено од отфрлен материјал од отпадот – стари штици, картонски кутии, пластика и лимени табли – уште повеќе ја потенцира примарната визуелна маргиналност на местото, каде што се плете гласната, жива комуникација меѓу домашните, на препознатлив скопски ромски говор, во кој се мешаат ромски и македонски зборови. Просторот уште повеќе се стеснува по „успешната“ спогодба на Таип со Индиецот, доктор Риџу од УНПРОФОР (па така, во полиглосната мешаница, покрај доминантниот ромско-македонски, се слуша понекој збор на англиски и хинди) да му потпише смртовници за божем починатите членови на семејството за да земе пари од социјално, па затоа тие се принудени да не излегуваат надвор, туку да се кријат во нивната куќарка. Ваквите подигравки со лажната и вистинска смрт се една од клучните сцени во филмот кога комичното гротескно се меша со трагичното. Шармот на оваа во суштина болна филмска приказна е во преплетувањето на мизерниот секојдневен живот со непокорниот откачен хумор. Во прекршувањето на вознемирувачкото и урнебесното, во креативна тензија, убедливо се отсликува како неможното е всушност можно.
***
Природниот спој на реалното и магичното, убедливо сплотени во „Оган“ и „Дае“, во интензивниот живот на Таип и неговото семејство во „Џипси меџик“ ја вплеткува комбинаториката меѓу желбата и стварноста, кога границите меѓу Шутка и Индија се замаглуваат, ликот на коњот е моќниот помошник за да се побегне од калливото преживување, да се полета кон светот на слободата. Фигурата на коњот е користена во филмовите на Попов како контраст на контролираната („Тетовирање“), корумпирана („Црвениот коњ“), загадена („Џипси меџик“) стварност. Во неа се олицетворува една од карактеристичните одлики на магично-реалистичката постапка: како медиум меѓу видливиот и невидлив свет, појавата на коњот го збогатува чувствувањето на стварноста со подлабоко значење. Тој е важен фактор во филмското дејство, едновремено и исконски симбол за нескротливост и жед кон слобода. За разлика од црвениот коњ од истоимениот филм, во „Џипси меџик“ коњот е бел, психопомп, неосквернатиот водич кон поубавиот свет. Како таков, тој ја поткренува магичната атмосфера на филмот, што кулминира во визуелно впечатливата финална сцена со смртта на Таип, чинот на неговото конечно ослободување, кога со белиот коњ јазди кон ветената Индија.
(продолжува)
































