ИМ Тони Лазов

ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕП 2026

Половичен успех на четворицата македонски претставници во шестото коло на 26. поединечно Европско првенство (ЕП) во шах во Катовице (Полска). Победи забележаа интернационалниот мајстор (ИМ) Емил Ристески (2.416, рангиран 152. пред почетокот на турнирот), кој со бели фигури го победи Унгарецот Домонкос Шакмари (2.278, 272.), и ИМ Тони Лазов (2.389, 183.), кој со црни фигури го совлада Стефан Малтезеану (2.245, 295.) од Луксембург. Загубија ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Антон Златков (2.299, 254.) од велемајсторот (ВМ) од Летонија, Никита Мешковс (2.532, 60.) и ФМ Андреј Велјаноски (2.255, 287.) со бели од Чехот Тадеас Балачек (2.396, 173.).
По ова коло, Златков е најдобропласиран Македонец на ЕП 2026, на солидното 80. место, со четири поени (четири победи и два пораза), играчки перформанс од 2.510 поени и 32 нови рејтинг-поени. Ристески е на 131-то место, исто така со четири поени (три победи, две ремија и еден пораз), Лазов со 3,5 поени (три победи, едно реми и два пораза) е на 163-то, со плус два рејтинг-поена, а Велјаноски е на 306-то со 2,5 поена (две победи, едно реми и три порази) играчки перформанс од 2.401 поен и освоени нови 21 рејтинг-поени. На пет кола до крајот на ЕП 2026, на кое играат 501 шахист од 41 држава (94 ВМ), на врвот изби ВМ од Исланд, Вигнир Ватнар Стефансон (2.512, 74.) со 5,5 поени. Г.И.