Летното сметање на времето почнува ноќеска во 02.00 часот кога стрелките на часовникот ќе се поместат еден час напред и наместо 02.00 часот ќе биде 03.00 часот.
Промената на времето кај нас, како и во повеќето европски земји, се случува двапати во годината и тоа последниот викенд во март кога почнува летното сметање на времето и последниот викенд во октомври кога почнува зимското сметање на времето.
Со поместувањето на стрелките напред, се губи еден час сон, но се добива повеќе дневна светлина во вечерните часови. Оваа практика има за цел подобро искористување на природната светлина, иако со години се водат дебати за нејзината оправданост и влијанието врз здравјето.
Летното сметање на времето ќе трае до крајот на октомври, кога стрелките повторно ќе се вратат еден час назад и ќе започне зимскиот период.
Одлуката за воведување на летното сметање на времето е согласно Законот за сметање на времето („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/96 и 16/97) и согласно европски директиви.
Освен кај нас, летното сметање на времето ќе го применат и поголем дел од европските земји, освен Русија, Турција, Белорусија и Исланд. Сезонското менување на времето, покрај во Европа, се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот. Европскиот парламент на 4 март 2019 година изгласа да биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година. Но, Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука, па не е сосема сигурно кога ќе биде последното поместување на часовниците. Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент.
































