Чудните правила на страшната навика

Што ти е навика! Крајно блесава работа. Првата колумна за „Нова Македонија“, според моиве фолдери, сум ја објавил некаде во октомври 2009 година. Оттогаш до денес, со нестварно мал број исклучоци, колумните ги пишувам во петок наутро. Е, ама утре имам неколку обврски и немам време да напишам колумна. Затоа ја пишувам денес, четврток попладне. И сега, малку шубе. Малку така, чудно ми е. Како да се изместил космичкиот поредок. И не, не е тоа затоа што немам инспирација, еве, се возиме низ реченициве, туку едноставно така, како нешто да не ми штима во битисувањето. Тоа е, навиката е крајно чудна состојба. Едно време, околу десетина години, многу бев духовит понеделнички. А ха, во понеделник ги пишувавме сценаријата за „Еднооки“, па кога сето тоа заврши, уште некое време, по навика, се расфрлав со понеделничка духовитост.
Ау, колку си духовит! Би сакала да бидам постојано крај тебе.
Не се залетувај, драга моја! Вие жените сакате човекот на вашиот живот да биде убав, паметен, богат и духовит. Јас сум само духовит. И тоа исклучиво понеделнички. Веќе во вторник сум неподнослив намќор.
Зошто токму во вторник? Којзнае! Можеби било вторник кога во раце за првпат ми падна „Ѓаволскиот речник“ од Емброус Бирс, а американскиот намќор во својата осма деценија од животот, заминувајќи во војна среде мексиканската револуција, оставил проштална порака за домашните во која пишува: „Збогум. Ако слушнете дека во Мексико ме поставиле покрај камен ѕид и ме изрешетале со куршуми, знајте дека тоа го сметам за прилично добар начин да се напушти овој живот. Каде-каде е подобар од староста, болеста или паѓањето по скалите од визбата. Да се биде гринго во Мексико – ех, тоа е вистинска еутаназија“. Потоа, веќе никој никогаш не го видел и не се знае каде ја завршил својата „ѓаволски“ смешна и намќореста приказна.
Изгледа на Американците навика им е да војуваат. А од навика тешко се одвикнуваш. Вчера беше Авганистан, а веќе денес тука е Иран. Во меѓувреме влегоа во војна дури и со Русија, додуша таму, за нив, само Украинци умираат. Како и да е, сега војуваат со Иран и изгледа ќе потрае. И не верувам дека Доналд Трамп е виновен. Просто, навика, а нему му се падна војнава со Иран. Може и се побунил. Ама јас сум миротворец, се развикал, сакам сите војни да запрат, им ветував на Американците дека со мене САД веќе нема да тераат бесмислени војни, луѓето само затоа и ме гласаа. Е ако де, му вратила суровата стварност, убаво што си ветувал, ама навика е навика, бе, човек! А Американците кој ги врти, слободно нека се лутат колку сакаат, на следни избори нема да имаат прилика да ти покажат среден прст, па ти веќе не ни можеш да се кандидираш, ха, ха!
Добро, има и такви, многумина такви, кои сакаат да внесат смут во чудните правила на страшната навика, па истата таа преку разни теории да ја деградираат. Едни тврдат дека Трамп не ја сака оваа војна, ама му оди по газот на Биби Нетанјаху поради нестварно силната поврзаност на САД и Израел. Е океј де, ама и Русија има таква поврзаност со Израел, рускиот практично е втор јазик таму, ама не гледаме дека Вова тргна да му прави ќеф на Биби, а не дека не може, сеедно што војува со Украина. И не само тоа. Има и онакви, баш одлепени ционисти кои велат дека Трамп мора да одработува за Нетанјаху, затоа што Биби лично работи за Јехова. Не знам дали е токму така, оти Јехова и тоа како добро знае дека неговиот избран народ има чудна навика, одвреме-навреме да почне да се треска по златни телиња. И тогаш, како по навика, Израилот вообичаено го фаќа бељата.
Други, пак, се убедени и нè убедуваат дека некои луѓе што диригираат со стварноста го држат Трамп за мадиња, уценувајќи го со фајловите на Епстин. Не верувам. Па дури и да има некои такви, најстрашни на свет документи, мислам, како сето ова што досега го дознавме да не е доволно ужасно. И што со тоа? Ќе му ги објават ако не војува со Иран? И? Што ако му ги објават? Да не му ја уништат светлата кариера што допрва го очекува? На сто години. Без право на нов мандат. Со огромно богатство стекнато низ животот од кој полека заминува. А ха, можеби се плаши да не му се налути Меланија ако објават не знам какви фотки и документи, па ќе ѝ стане јасно дека не ја носел и неа на журките.
Ти реков, ти реков да ме носиш и мене на тие журки, па и јас кога се запознавме бев малечка. Не доволно малечка, бејби, не доволно малечка.
Глупости! Стварно не верувам. Како што не верувам дека сето ова има врска со Кина, односно да се исфрлат Кинезите од големата игра, да се уништи нивната моќ и да бидат фрлени на колена. Нема логика. Па, како што САД во својата кратка неколкувековна историја имаат навика да војуваат, навика секако преземена од матицата Европа, така Кина има неколку милениуми навика да биде врвна цивилизација.
Фак! Трамп ги тргна санкциите за купување нафта од Русија. Поради кризата што започна предизвикана од неговата војна со Иран и жестокиот одговор на Техеран, сега светот повторно ќе купува руска нафта. А ха, ете подлога за нова теорија. Путин е виновен за војната. Спровел некаква заебана руска црна магија среде белата Алјаска врз Трамп и сега тој мора да игра казачок што Путин му го свири.
Добро е, Русјаков, сфативме! Си се фати за навиката како забавна приказна и сега преку неа се заебаваш со читателската публика.
Јас сум смртно сериозен кога се заебавам.
Па, која е тогаш твојата теорија за војнава на Блискиот Исток?
Мојата теорија единствена е аналитички издржана и несоборлива, затоа што е поткрепена со сериозни факти и тензична музика, која ја засилува кулминацијата кога се случува пресврт во нарацијата. Сите знаеме дека вонземјаните имаат гадна навика да се кријат меѓу популацијата на планетите што сакаат да ги освојат. Трамп најави декласификација на документите за присуство на вонземјани. Затоа елиените што тука пребиваат, ги употребија сите свои ласери, гама-зраци, телепатски способности и други вонземски заебанции, за да завладеат со Трамп и тој да почне војна што нема да оди во посакуваниот правец, со што ќе се дефокусира јавноста од она што требаше да биде изнесено на виделина. А да, заборавив да ви спомнам дека беше еден прекрасен четврток кога првпат се бакнав со неа, додека бевме сами дома, а на телевизија одеше „Блиска средба од трет вид“ на Стивен Спилберг. Оттогаш наваму имам чудна навика во четврток да се чувствувам како вонземјанин на планетава.