Изградбата на фабриката за селекција на отпад, претставува еден од најзначајните инфраструктурни проекти за модернизирање на системот за управување со отпадот во општина Прилеп. Станува збор за прва фабрика од ваков тип во Македонија, со современа технолошка линија за селекција од реномираниот производител „Техникс“, која што веќе е во завршна фаза на монтирање и има капацитет да преработува до 10 тони отпад на час. Објектот ќе располага со 1.300 метри кубни затворен простор, каде што е поставена линијата за селекција на отпад, како и 5.980 квадратни метри надворешен простор наменет за прием на отпад, манипулација на транспортни возила и складирање на селектираните материјали.
– Со ставањето во функција на овој капацитет, ќе добиеме современа инфраструктура која ќе овозможи поефикасно раздвојување на отпадот, пластика, хартија, најлон, метал и други рециклирачки материјали. Тоа значи помалку отпад на депониите и повеќе можности за рециклирање. Проектот има значење не само за нашиот град, туку и за целиот регион. Ваквите капацитети се клучни за воспоставување на модерен регионален систем за управување со отпад, во кој отпадот од повеќе општини се третира на организиран и еколошки прифатлив начин. Нашата цел е јасна, почиста животна средина, поодржливо користење на ресурсите и современи решенија кои ќе обезбедат подобри услови за живот за сите граѓани – вели градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски.
Ка.М.



































