Фото: Маја Јаневска-Илиева

ЗА СТРУШКАТА КОНТИНУИРАНА КРИЗА СО ПИВКАТА ВОДА

  • Кризата со водата во Струга е една од најтешките во последниве години: со висока заматеност на водата, бавни или никакви локални институционални реакции во врска со тоа…, оставка на директорот на водоводот и оформен истражен предмет од обвинителството. Сè уште нема јасно дефинирана одговорност, но случајот ја отвори дебатата за доцнењето на општинските власти по оваа основа, но и за инстантната потреба од здрави и повеќегодишни инвестиции и заштита на природните извори во Струга, Струшко, но и воопшто во Македонија. Што всушност се случува со пивката вода во Струга?

Кус осврт на последните настани врзани за долгогодишниот „воден проблем“

На почетокот на месецов, жителите на Струга почнаа масовно да забележуваат дека водата од чешмите е сериозно заматена и неупотреблива – не само за пиење туку и за хигиена и готвење. Водата беше темнокафеава, со многу висок степен на заматеност, далеку над здравствено дозволените параметри.
Според податоците на Центарот за јавно здравје – Охрид, анализите од 11 февруари покажале дека заматеноста на водата од главниот извор Шум достигнала 28,59 отсто, што е повеќе од 20 пати над максимално дозволеното ниво од 1,5 отсто.
Од тогаш, повеќе од една седмица, стружани остануваат без употреблива вода, а државните институции се вклучија со различни мерки, но без јасно решение што конкретно ја предизвикало оваа состојба.
– Главните изворишта на вода за Струга се наоѓаат во селото Шум од каде што градот традиционално се снабдува со пивка вода. Квалитетот на водата е толку лош, што е забранета не само за пиење туку и за готвење или хигиена – со апели до населението да користи само амбалажирана или алтернативна вода за санитарни потреби. Матноста и бојата на водата се како „како кал“, што упатува на сериозно механичко заматување и влијание на надворешни материи во самиот извор, да не претерам со констатацијата, ми се чини дека девастацијата во изворите е толкава, како некој да фрлил бомба внатре и да направил хаварија – вели нашиот соговорник од Струга.

Реакции на локалните власти и носители на функции

Од кризата, во знак на морална одговорност, директорот на јавниот водовод, Меџијаит Јусуфоски, поднесе оставка. Во својата изјава, тој потенцира дека ги известил градоначалникот и сите надлежни институции уште на почетокот, но дека неговите повици не биле соодветно слушнати.
Натаму, Основното јавно обвинителство во Струга официјално отвори предмет за истражување на причините за загадувањето. На увидот ќе учествуваат инспектори за животна средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје, а ќе бидат преземени и понатамошни контроли.
– Ќе бидат опфатени и кривични дејства против животната средина, ако се утврдат такви. Во координација со Министерството за внатрешни работи, издадена е наредба за увид на изворот во Шум – изјавија во јавноста надлежните служби. Имено, државните органи информираат дека се работи интензивно на предметот и дека ќе бидат преземени сите неопходни чекори, вклучувајќи и кривични пријави ако се најдат елементи на такви дела.
Општината засега не дава поопширен став, освен најава за прес-конференција за тековни проекти и активности во првите 100 дена од мандатот на градоначалникот.

Проблеми со водата – долгогодишен предизвик

Иако оваа криза е особено сериозна, проблемите со квалитетот на пивката вода во Струга не се нови. И во минатото, поради одредени слабости и недостатоци, водата од изворите, особено од Шум, почнувала да станува заматена и забранета за пиење. Беа потребни конструкциски решенија и технички интервенции за да се заштитат изворите од талог, почва и одрони – нешто што локалните жители, но и здравствените служби одамна го апелираат.
Исто така, беше започната проширена реконструкција на водоводната мрежа, вклучувајќи замена на азбест-цементните цевки и подобрување на инфраструктурата, но тоа не се заокружи.

Можни причини и индикатори за вистинска хаварија

Според досега објавените информации, но и направената поширока анкета со граѓаните на Струга, се издвојуваат неколку клучни причини за долгогодишниот проблем, вклучително и последниот инцидент во низа.
Имено, изворот Шум директно е загаден! Но причините за тоа (незаконски ископувања, механичко нарушување, ерозија, градежни активности итн.), кои жителите точно ги знаат, не се официјално потврдени од надлежните локални служби во нивни „истражувања“. Жителите ги споменуваат ископувањата над изворот како причина, но тоа не е уште евидентирано како официјален факт.
По кажувањето на повеќе жители на селото Шум, а што се совпаѓа и со изјава на еден од чуварите на изворот Шум, индиција што треба да се истражи од надлежните е дека „почетокот на сериозното заматување на водата и истекувањето на кал и чакал се совпаѓаат со некаква силна детонација што ја слушнале и почувствувале во селото Шум“.
Постојат и сведочења дека имало и активни ископи на градежна оператива близу пумпната станица над изворот на самото пештерско езеро во забранетата зона. Токму оваа информација ја начна и директорот на водоводот, кој сега се повлече од функцијата, во својата драматично емотивна оставка за недозволени активности на државно земјиште во забранетата зона. Локални жители сведочат и инсистираат да се пронајдат материјални докази за ова, а самите зборуваат за постоење на фреквентно движење на калливи камиони на локалниот пат Заграчани-Вишни, кој исто така е екстремно каллив со траги што водат до градежни работи во забранетата зона. Камионите биле во сопственост на позната струшка градежна компанија, која била ангажирана за изнесување на материјалот.
За издвојување е дека постојат анализи на матноста, но не се објавени јавно конкретни индустриски загадувачи или лабораториски потврди за тешки метали, токсини или други хемиски супстанции. Инспекциските и правосудните органи сè уште ги собираат тие податоци.
Во секој случај, според брифингот на извор во струшката општина, упатен во проблемот со водата, фактичката ситуација во моментов е следна: „Имам информација дека обвинителството и инспекции продолжуваат да го испитуваат изворот, а добиени се првични анализи што ја потврдуваат високата заматеност на водата. Истрагата може да доведе до кривични пријави, доколку се утврдат сторители или институции што сториле пропуст, но сѐ е тоа засега бавно и попусто, а граѓаните сѐ уште немаат вода за основни потреби повеќе од една седмица“. Н.М.


Од прес-конференцијата на градоначалникот на Струга одржана викендов

Ќура уште повеќе ја замати „струшката вода“!?

Изминатиов викенд, градоначалникот на Струга, Менди Ќура, организира прес-конференција на која соопшти дека општината презема „засилени мерки“ поради сомнежите за загадување на водата и најави „ангажман на приватна стручна институција од Скопје, која на 16 февруари треба да спроведе детални анализи за утврдување на причините“.
Исто така, тој спомена и „можни сценарија што содржат интервенции во заштитната зона на извориштето“, но конечните заклучоци за натамошни зафати, според најавата, „ќе следуваат по завршување на испитувањата“.

Нови дилеми на виделина

Гореспоменатата одлука на градоначалникот отвора суштинска дилема. Имено, зошто нечија „приватна институција“ треба да го проверува квалитетот на водата во Струга? Дали со тоа индиректно се признава дека локалниот систем за мониторинг и контрола потфрлил сиве овие години и тој и денес не функционира како што треба?
Според изворот со кој се консултиравме, универзитетски професор на АУЕ-ФОН универзитет, од оваа изјава на првиот човек на Општина Струга, меѓу редови може да се прочитаат повеќе нешта.
– Кога една општина е принудена да повикува надворешни експерти за да утврди што се случува со водоснабдувањето, тоа тешко може да се претстави како „дополнителна проверка“. Напротив, тоа изгледа како сигнал дека редовниот мониторинг, јасно утврдената одговорност и механизмите за итно постапување не дале резултат, а во клучен момент тие дебело потфрлиле. Но, очигледно, континуитетот на проблемот не фрла сенка само на неговото градоначалникување, во овој кус период. Тоа фрла сенка или, поточно кажано, проблемот открива дека и претходните градоначалници тешко потфрлиле во извршувањето на своите обврски и работа. И доколку се отвори здрава истрага, таа треба да ги зафати и одговорностите на претходните градоначалници и тоа јасно да се обелодени. Сега веќе се гледа една длабока институционална празнина во Струга, која сметам дека датира од времето на Законот за нова територијална поделба од 2004 година. И колку што ми е познато, веќе дваесет години од оваа област во Струга не се знае кој прв треба да реагира, кој да врши мерења, кој да ја информира јавноста и кој да понесе одговорност кога основното човеково право – пристап до безбедна и квалитетна пивка вода, станува неизвесно. Ангажманот на приватна институција може да донесе стручна анализа, но истовремено отвора прашање за капацитетот и подготвеноста на локалните служби. Граѓаните не очекуваат вонредни решенија, туку секојдневна сигурност. Водата во нивните домови да биде безбедна, контролирана и со највисок квалитет, без потреба од ад хок интервенции – вели нашиот соговорник, универзитетски професор со одлично познавање на струшките околности. Н.М.