Фото: Маја Јаневска Илиева

Декември минатата година бил натпросечно топол и потпросечно врнежлив, покажуваат мерењата и набљудувањата на среднодневните температури и врнежи во метеоролошките станици на Македонија.

Споредено со просечните декемвриски средномесечни температури за триесетгодишниот период 1991 – 2020, во 2025 година декемвриска температура била 1,3 степени повисока од просечната на ниво на држава, додека месечната сума на врнежи била 50 отсто од просекот во однос на декемвриската просечна вредност во периодот 1991 – 2020 која изнесувала 65 мм.

-Декември се карактеризира како нормално до топол (со исклучок на Маврово каде што е многу топол за овој дел од годината) и просечно врнежлив месец во југоистокот до сушен во западот и централниот дел и многу сушен во Крива Паланка и Охрид, во однос на просекот 1991/20. Средномесечната температура се движеше од 1,8°С во Маврово до 6,9°С во Гевгелија.  Највисоката максимална температура беше измерена на 11-ти Декември во Гевгелија и изнесуваше 16,7 степени. Најниската минимална температура во текот на месецот беше измерена во Маврово, на 31-ви и изнесуваше -11,5 стпени. Во декември 2025, месечната сума на врнежи во државата варираше од 10 мм во Охрид до 101 мм во Гевгелија. Врнежите беа од дожд и снег. Максимално дневно количество на врнежи од 36 мм беше измерено во Гевгелија на 25-ти во месецот. Максимална дневна снежна покривка од 16 см беше измеренa на 8-ми во Маврово – информира УХМР.