Шифрин, Мекдејвид и Лирдам се меѓу мноштвото големи имиња што се надеваат дека ќе приредат шоу на Зимските олимписки игри во Италија, пишува ИОК
Најголемите ѕвезди на зимските спортови се во Италија за Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д’Ампецо, кои почнуваат утре. Од актуелни шампиони до таленти во подем, сцената е поставена за најдобрите спортисти на планетата да приредат шоу пред одушевена глобална публика од милијарди луѓе, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), кој издвои некои од најдобрите што ќе настапат на ЗОИ 2026.
Микаела Шифрин (САД, алпско скијање). Американската икона Микаела Шифрин има најмногу победи во Светскиот куп од сите алпски скијачи во историјата, вкупно 108, вклучувајќи седум победи од осум слаломски трки сезонава. Таа освои злато во слалом на ЗОИ 2014 во Сочи и во велеслалом на ЗОИ во Пјонгчанг во 2018 година.
Конор Мекдејвид (Канада, хокеј). Широко сметан за најдобар хокеар на планетата, Конор Мекдејвид треба да го има своето олимписко деби во Милано, пишува ИОК. Капитенот на Едмонтон ќе биде дел од машката репрезентација на Канада во обид да го освои своето прво злато на Игрите, по ЗОИ 2014.
Јута Лирдам (Холандија, брзо лизгање). Со пет милиони следбеници на Инстаграм, холандската брза лизгачка Јута Лирдам несомнено е една од најпознатите спортистки што ќе се натпреваруваат во Италија, пишува ИОК. Таа е седумкратна светска шампионка и освои сребро на 1.000 метри на ЗОИ во Пекинг во 2022 година.
Марко Одермат (Швајцарија, алпско скијање). Откако го освои златото во велеслалом на ЗОИ 2022, Марко Одермат е незапирлива сила на патеките во алпско скијање. Швајцарската суперѕвезда е светски шампион во три различни дисциплини, спуст, велеслалом и супервелеслалом, и освои четири последователни титули во генералниот пласман во Светскиот куп.
Ајлин Гу (Кина, слободно скијање). На ЗОИ 2022, 18-годишната Ајлин Гу ја одушеви домашната публика станувајќи прва скијачка во слободен стил што освоила три медали на едни ЗОИ, освојувајќи златни медали во биг-ер и халфпајп, и сребро во слоупстајл, пишува ИОК. Сега таа ја покажа својата форма пред ЗОИ 2026, остварувајќи ја рекордната 20-та победа во Светскиот куп, со победата во слоупстајл минатиот месец во Лаакс.
Илиа Малинин (САД, уметничко лизгање). Наречен бог на четирикратниот скок, сензацијата во уметничко лизгање Илиа Малинин е на пат да се појави на олимписката сцена првпат на 21-годишна возраст. Американецот е двоен светски шампион во низа и оствари рекордни седум четирикратни скока на патот до третиот последователен триумф на гран прито во Нагоја, во декември, пишува ИОК.
Ариана Фонтана (Италија, брзо лизгање на кратки патеки). Откако освои бронза во штафетата на 3.000 метри на 15 години на ЗОИ во Торино во 2006 година, Ариана Фонтана сега е на пат да го има својот шести олимписки настап и втор на домашни ЗОИ. Таа има вкупно 11 олимписки медали во брзо лизгање на кратки патеки, вклучувајќи два последователни златни медали на 500 метри, и е најодликуван италијански зимски олимпиец.
Фото: ЕПА
Џордан Столц (САД, брзо лизгање). Феноменот на брзото лизгање, Џордан Столц, влегува во своите втори Игри како седумкратен светски шампион и уште има само 21 година, пишува ИОК. Тој ги освои трофеите во Светскиот куп на 500, 1.000 и на 1.500 метри во секоја од претходните две сезони, останувајќи непоразен и на 1.000 и на 1.500 метри во текот на целата сезона 2025/2026.
Мари-Филип Пулен (Канада, хокеј). Мари-Филип Пулен ги постигна головите за триумфи на Канада во три олимписки финалиња, во 2010, 2014 и во 2022 година. Пулен, која го предводи Монтреал, има сребрен медал од ЗОИ 2018 и е четирикратна светска шампионка. Таа беше прогласена за хокеарка на годината во 2025 година, во изборот на Интернационалната хокеарска федерација.
Франческо Фридрих (Германија, боб). Легендата на бобот, Франческо Фридрих, освои злато и во боб-двосед, во боб-четирисед на ЗОИ во Пјонгчанг во 2018 година, а потоа влезе во историјата правејќи го истото тоа повторно и во Пекинг во 2022 година, пишува ИОК. Тој сега се стреми да го комплетира својот трет последователен двоен триумф на ЗОИ 2026.
Клое Ким (САД, сноуборд). Херојката на тимот на САД, Клое Ким, стана првата жена што освоила два златни олимписки медала во халфпајп кога триумфира на ЗОИ во Пекинг пред четири години. Таа е светска шампионка и сега брка историски олимписки триумф и најави дека е подготвена и покрај тоа што го измести рамото минатиот месец, пишува ИОК.
Јоханес Хоесфлот Клаебо (Норвешка, нордиско скијање). Откако освои шест златни медали во сите шест дисциплини на минатогодишното Светско првенство, Јоханес Хоесфлот Клаебо се обидува да го повтори тој подвиг на ЗОИ. Норвешкиот нордиски скијач веќе освои седум олимписки медали од два настапа, вклучувајќи златни во индивидуален и во тимски спринт на ЗОИ 2022.
Линдзи Вон (САД, алпско скијање). Дали Линдзи Вон е подготвена да застане на стартната порта, останува да се види откако претрпе повреда на коленото за време на спустот во Светскиот куп минатиот месец, пишува ИОК. Сепак, ако успее, тоа ќе биде нејзин петти олимписки настап. Златната медалистка во спуст од ЗОИ во Ванкувер во 2010 година е во одлична форма сезонава, остварувајќи пласман на пет последователни подиуми во Светскиот куп, вклучувајќи две победи.
l Квентин Фијон Маје (Франција, биатлон). Францускиот фаворит Квентин Фијон Маје испиша историја на ЗОИ во Пекинг кога стана првиот биатлонец што освоил пет медали на едни Игри. Маје, кој освои 17 светски медали, во Италија ќе се обиде да ги задржи своите титули во потера на 12,5 км и во индивидуалната трка на 20 км. Н.М.