Безбедносните камери на вилата на Здравко Чолиќ на Дедиње го забележале моментот кога двајца непознати мажи вчера точно во пет часот наутро фрлиле рачна бомба кон домот на пејачот, објави хрватски „Индекс“, повикувајќи се на „Телеграф.рс“.
За среќа, нема повредени лица, а според неофицијални информации, полицијата веќе располага со видеоснимки на кои се гледа како двајца напаѓачи ѝ приоѓаат на оградата и ја активираат експлозивната направа. Двајцата маскирани мажи ја фрлиле бомбата директно кон влезната врата, а експлозијата се случила на терасата кај самиот влез. Токму снимките од видеонадзорот се во фокусот на истрагата што ја води Вишото јавно обвинителство, бидејќи на нив се гледа движењето на напаѓачите пред и по детонацијата.
Иако во моментот на нападот никој не бил повреден, материјалната штета на имотот е значителна. Од експлозијата оштетен е надворешниот дел од објектот во радиус од неколку метри. Фасадата околу влезната врата е уништена, прозорците се искршени, а оштетена е и масивната влезна врата, како и неколку автомобили.
Од експлозивната направа се искршиле и стаклата на гаражата на Адис Гојак, поранешниот менаџер на Чолиќ, за кого истражителите наводно се сомневаат дека можеби бил вистинската цел на нападот, како и прозорците на вториот кат од куќата. Помала штета претрпела и уште една соседна куќа, каде исто така се искршиле прозорци.
Инспекторите од криминалистичката полиција и обвинителството моментално работат на идентификација на лицата од снимките. Се проверуваат и податоците од телекомуникациските оператори, како и другите камери во околината, за да се утврди дали напаѓачите имале соучесници кои ги чекале во возило.
Полицијата ќе разговара со Чолиќ кога ќе се врати во Србија
По инцидентот се огласи и самиот Чолиќ, кој рече дека во моментот на инцидентот бил во Загреб, каде ги подготвува песните за новиот албум.
– Се наоѓам во Загреб, каде ги завршувам последните песни за новиот албум. Во Белград е сè во ред, фала му на Бога што сите се добро. Го разбирам интересот на медиумите, но морам да истакнам дека некои изјави во текстовите се протолкувани на начин што не одговара на вистинската состојба. Важно е информациите да се дистрибуираат одговорно и врз основа на проверени факти. Истрагата е во тек и го очекуваме полицискиот извештај“, изјави тој за „Уна“.
Во текот на истрагата ќе се утврди дали Чолиќ бил целта на нападот и кој бил мотивот, со оглед на тоа што уште вчера се појавија информации дека напаѓачите можеби „ја погрешиле адресата“. Полицијата ќе изврши разговор со Чолиќ по неговото враќање во Србија.


































