МОК ГИ ПРЕТСТАВИ МАКЕДОНСКИТЕ ОЛИМПИЈЦИ ЗА ЗОИ 2026
- Боите на Македонија на ЗОИ 2026 во Италија ќе ги бранат Јана Атанасовска, Виктор Петков (алпско скијање), Ставре Јада и Ана Цветановска (нордиско скијање)
Македонскиот олимписки комитет (МОК) го претстави македонскиот тим за Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д’Ампецо (Италија), кои почнуваат в петок. Годинашниот настап е од историско значење за македонскиот спорт, бидејќи првпат државата ќе ја претставуваат четворица олимпијци, сите со остварена квота. Боите на Македонија на ЗОИ 2026 ќе ги бранат Јана Атанасовска (најмлада натпреварувачка и македонска рекордерка во алпско скијање, ќе настапи во слалом и во велеслалом), Виктор Петков (алпско скијање, слалом и велеслалом), Ставре Јада (нордиско скијање, спринт и 10 км, најискусен член, настапи на ЗОИ во 2018 и во 2022 година) и Ана Цветановска (нордиско скијање, спринт и 10 км, настапи на ЗОИ 2022), објави МОК.
– Стојам гордо пред вас, бидејќи првпат настапуваме со четворица спортисти со А-норма. Ова е плод на работата на Скијачката федерација на Македонија и на олимпискиот систем што го градиме. Особено ми е мило што на овој пат ни се приклучија и нови спонзори и партнери, што ја потврдува довербата во овој тим. Обезбедивме комплетна зимска опрема од „JOMA“, а за здравјето ќе се грижи болницата „Вита-ес“. Иако сме јужна земја, а не скијачка велесила, нашите олимпијци по квалитет се посилни од целиот регион околу нас. Обезбедивме врвни услови и силна логистика на сите полиња за да се претставиме во најдобро светло – рече претседателот на МОК, Даниел Димевски, пренесе МОК.
Спортистите истакнаа дека остварувањето на олимписката норма е резултат на долгогодишна макотрпна работа, огромни жртви и илјадници километри поминати на тренинзи во екстремни услови. Тие упатија голема благодарност до МОК за целокупната поддршка во секој аспект од нивните подготовки, нагласувајќи дека токму таа логистика и сигурност им овозможиле целосно да се фокусираат на спортските цели. Со голем оптимизам порачаа дека се подготвени да го дадат својот максимум на патеките, истакнувајќи дека учеството на овие ЗОИ за нив е исполнување на детскиот сон, но и голема одговорност да ја направат македонската нација горда, ветувајќи борба за секоја стотинка, пренесе МОК. Македонската делегацијата ќе биде сместена во неколку олимписки села за спортистите да бидат поблиску до патеките, а за нивната логистика ќе се грижат шефицата на мисијата Цветанка Макаровски и нејзиниот заменик Петар Спасеновски. Македонските олимпијци во нордиско скијање ќе настапат на 10, 12 и на 13 февруари, во алпско скијање на 14, 15 и на 18 февруари, а трките ќе се пренесуваат на Македонската радио-телевизија, во рамките на специјализираното студио за ЗОИ 2026, велат од МОК. Г.И.































