Може ли заедничкиот протест на камионџиите да го демонтира ригидниот однос на Брисел кон балканските ЕУ-кандидати?
- Продолжените блокади на товарните гранични премини кон шенген-зоната од страна на камионските превозници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора се повеќе од класичен синдикален или секторски бунт. Тие постепено се профилираат како редок пример на координиран прекуграничен отпор против политиките на Европската Унија што директно ги погодуваат државите надвор од нејзините граници, но се длабоко зависни од нејзините правила. Прашањето што се наметнува е дали овој протест може да прерасне во поширок политички сигнал – па дури и лекција – за Брисел, но и за владите на земјите кандидати
Во срцевината на незадоволството на актуелните протести на превозниците од неколкуте балкански земји (Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, БиХ) е новиот систем за влез и излез од ЕУ (ЕЕС), чија цел, според официјалните објаснувања, се „поголема безбедност и подобра контрола на надворешните граници“(!?).
Но за професионалните возачи од Балканот, системот значи дополнителни проверки, подолги чекања, административни компликации и – најважно – третман што не прави јасна разлика меѓу турист и професионален работник. За сектор што функционира на минути, рокови и договори, секое дополнително задржување директно се претвора во финансиска загуба.
Наднационалната димензија на протестот
Она што го прави овој протест особено значаен е неговата наднационална димензија. Ретко кога превозници од повеќе балкански држави настапиле со толку усогласени барања и јасна порака: дека проблемот не е поединечна држава, туку системски однос на ЕУ кон „надворешните“ актери. Токму тука протестот добива пошироко политичко значење – како симбол на акумулираното незадоволство од постојаното менување на правилата, условите и стандардите, често и надвор од формално утврдените Копенхашки критериуми за членство.
Европската Унија со години инсистира на реформи, усогласување и дисциплина од земјите кандидати, додека истовремено самата се движи кон сè поригидна и побирократска структура. Во таа смисла, критиката дека Унијата се претвора во „клуб на привилегирани“ не е само популистичка фраза туку и одраз на реално чувство на асиметрија: обврските се строги и непосредни, а придобивките од интеграцијата – одложени и неизвесни. Може ли протестот на камионџиите да го промени тоа?
– Сам по себе, веројатно не. Но како преседан – да. Тој покажува дека е можно земји од регионот, и покрај политичките разлики и историските тензии, да се обединат околу конкретен заеднички интерес. Уште поважно, покажува дека притисокот врз Брисел не мора секогаш да доаѓа низ дипломатски канали и бирократски ноти, туку и преку реалната економија – таму каде што последиците се највидливи и најскапи – велат нашите соговорници од бизнис-секторот, односно од коморите на стопанствениците.
Дали оваа заедничка енергија има потенцијал да се пренесе на повисоко ниво, на пример кај владите од регионот
Клучното прашање е зошто ваквата енергија ретко се пресликува на ниво на влади. Додека превозниците се подготвени да останат на граничните премини без рок, владите на земјите кандидати најчесто реагираат фрагментирано, внимателно и со страв да не бидат протолкувани како „проблематични партнери“, како што овој пат колебливо и бледо реагираше официјална Подгорица.
– Таа асиметрична позиција, нема да речеме подредена, во која кандидатите постојано се приспособуваат, а ретко поставуваат црвени линии – е дел од поширокиот проблем во односите со ЕУ – велат нашите соговорници од бизнис-секторот.
Но, тие додаваат и дека, во таа смисла, протестот на камионџиите може да се чита и како индиректна порака до сопствените влади: дека координацијата и заедничкиот настап не се невозможни, туку практична нужност! Ако професионални здруженија можат да се усогласат преку граници, тогаш уште повеќе тоа можат да го сторат владите, барем кога станува збор за политики што директно ги погодуваат економијата и секојдневието на нивните граѓани.
За Брисел, пак, ова е предупредување дека реформата на Унијата не може да се сведе само на внатрешни дебати и технички подобрувања. Односот кон соседството, особено кон Западен Балкан, останува еден од најслабите елементи на европскиот проект. Доколку ЕУ навистина сака стабилно, интегрирано и лојално соседство, тогаш ќе мора да покаже поголема флексибилност, дијалог и разбирање за специфичните улоги – како онаа на професионалните возачи – кои ја одржуваат европската економија во движење.
– Камионџиите можеби нема да ја реформираат Европската Унија, но тие веќе успеаја да направат нешто ретко: да го разоткријат јазот меѓу европската регулаторна логика и реалноста на теренот – и да потсетат дека без вистински дијалог, дури и најдобро замислените системи можат да станат пречка наместо решение – велат соговорниците од бизнис-секторот. Р.Н.М.
Јавна поддршка и изјави од националните влади и политички лидери на Балканот околу протестите на камионските превозници
Владите на државите од Балканот целосно ги разбираат превозниците!
- Македонската дипломатија веќе координира заеднички настап со министрите од Србија, Црна Гора, Албанија и од БиХ за да се спречи економски колапс во регионот. Меѓутоа, здружениот тим на официјалните претставници на владите од регионот не се задоволни од брзината со која реагира ЕУ
Претставници на владите од државите во кои протестираат превозниците се во секојдневна комуникација со Брисел за решавање на проблемот со системот 90/180 дена, кој ги блокираше превозниците, вклучувајќи и претставници од македонската влада. Оттаму потврдуваат дека македонската дипломатија веќе координира заеднички настап со министрите од Србија, Црна Гора, Албанија и од БиХ за да се спречи економски колапс во регионот. Македонскиот министер за внатрешни работи Тимчо Муцунски во јавноста изјави дека „не сме задоволни од брзината со која реагира ЕУ “.
– Ова прашање е подигнато на највисоко ниво, директно до Урсула фон дер Лајен. ЕУ мора да покаже искреност – ако сакаат интеграција на Балканот, не смеат да дозволат мерки што ќе ги уништат синџирите на снабдување – изјави Муцунски.
Министерот нагласи дека Владата активно работи на случајот уште од септември, нудејќи конкретни модели по кои би се третирале возачите.
Македонија
Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт, јавно излезе на граничниот премин Блаце и им даде силна поддршка на камионџиите и нивниот протест, истакнувајќи дека Владата „ги разбира нивните причини“ и дека станува збор за економски проблем со потенцијал да ги загрози македонската и регионалната економија. Тој предложи неколку опции за решавање на проблемот со ЕЕС (на пример, продолжување на деновите за престој или третирање на возачите како професионалци) и го нагласи значењето на барањата за дијалог со ЕУ.
Србија
Во Србија највисоките политички фактори изразија загриженост и повикаа на специјални разговори со ЕУ за да се спречат економски штети. Претседателот на Србија, како и премиерот, но и други високи владини претставници во јавните изјави побараа „специјален статус или посебен третман за професионалните возачи од Западен Балкан во разговорите со ЕУ“, предупредувајќи дека „рестрикциите би можеле целосно да ги парализираат транспортните компании“ и да ѝ нанесат штета на економијата. Овие пораки беа пренесени од меѓународните медиуми како реакција и официјална институционална поддршка на протестите.
Црна Гора
Во Црна Гора засега доминираат изјави и активности на транспортните здруженија, додека официјалните владини изјави од највисоко ниво премолчно даваат поддршка, а има и изјави што се помалку децидни што се однесува до поддршката на нивните превозници. Според некои изјави, црногорската власт „калкулира и кокетира со Брисел заради својот понапреден статус во интеграцискиот процес“.
Босна и Херцеговина
До денес сѐ уште нема јавно објавени конкретни изјави од највисоко ниво на федералната влада за активна поддршка на протестите, но транспортните здруженија (вклучувајќи ја и асоцијацијата „Логистика“, која претставува десетици илјади работници) ги повикаа властите да се вмешаат бидејќи рестрикциите се „директна закана за транспортниот сектор“. Р.Н.М.
































