ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРИ
- Ако Германија сака пласман во полуфиналето во групата еден, денеска во последното коло ќе ѝ треба барем еден бод против Франција
Машката ракометна репрезентација на Данска обезбеди полуфинале на 17. Европско првенство (ЕП) 2026, откако во данскиот град Хернинг ја совлада Германија со 31-26, во третото коло на главната рунда (група еден). По малку изненадувачката победа на Шпанија против Франција (36-32) во претходниот меч во истата група, победникот од дуелот помеѓу Германија и Данска, кој следуваше, ќе добиеше загарантирано полуфинале. Тоа го сторија Данците пред своите бучни 15.000 навивачи. Сепак, сѐ беше отворено на овој меч до последните 20 минути, кога Данците ја презеде иницијативата, предводени од голманот Емил Нилсен, кој со 14 одбрани од 40 удари беше прогласен и за играч на натпреварот, а Данска, пак, го обезбеди и првиот полуфинален билет. Најефикасни во данските редови беа бековите Матијас Гидсел и Симон Питлик со по осум гола, а кај Германците бекот Ренарс Ушчинс со шест. Иако Данска и Германија сега имаат по шест бода, а Франција четири, Данците го обезбедија своето место на едно коло до крајот, оти беа подобри од двете селекции во меѓусебните дуели. Ако Германија сака пласман во полуфиналето во групата еден, денеска во последното коло ќе ѝ треба барем еден бод против Франција.
– Секогаш сме многу мотивирани кога играме против Германија. Но, непосредно пред загревањето зборувавме за тоа дека резултатите пред нашиот натпревар веќе беа неколку мали подароци за нас. На ЕП како ова, не добивате подароци често, па со задоволство ги прифативме – рече по победата данското лево крило Магнус Ландин, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Во другите мечеви од оваа група, Португалија и Норвешка ги поделија бодовите (35-35), па трката за петтото место ќе биде недостижна за овие две селекции, кои ќе одиграат уште еден меч до крајот на групата еден, покрај вчерашниот.
Вчера многу понеизвесно беше во групата два, која се игра во Малме (Шведска), оти дури четири селекции имаа по четири бода и шанса за полуфинале. Совршениот рекорд на Шведска на ова ЕП беше срушен во второто коло од оваа фаза, по одличната игра во вториот дел на Исланд, кој славеше со 35-27. Словенија ја победи Унгарија (35-32), а Хрватска ја победи Швајцарија (28-24).
По некомплетното трето коло на ЕП 2026, на врвот на листата на стрелците засега водат Данецот Матијас Гидсел и Португалецот Франциско Коста, и двајцата со по 47 гола, но Гидсел од 66 шута (71,2), а Коста од 70 шута (67,1) од шест меча. И по бројот на асистенции на врвот засега се двајца, Гидсел и Норвежанецот Сандер Сагосен, со по 35 (5,83 во просек по меч) од шест меча. На голот предничи Германецот Андреас Волф со 60 одбрани од 174 шута (34,48), а веднаш зад него е Данецот Емил Нилсен со 59 одбрани од 187 шута (31,55). Најефикасна репрезентација и понатаму е Франција со 233 гола од 343 шута (69,7 отсто), пред Данска со 203 гола од 285 шута (71,2) од шест меча. Г.И.
ГЛАВНА РУНДА
ГРУПА 1: Резултати 3. коло: Португалија – Норвешка 35-35, Шпанија – Франција 36-32, Данска – Германија 31-26. Tабела: Данска 6, Германија 6, Франција 4, Норвешка 3, Португалија 3, Шпанија 2 бода. Двојки четврто коло (денеска во Хернинг): Шпанија – Португалија (15.30 ч.), Германија – Франција (18 ч.), Данска – Норвешка (20.30 ч.).
ГРУПА 2: Двојки трето коло (вчера во Малме): Швајцарија – Исланд, Словенија – Хрватска, Шведска – Унгарија. Табела: Исланд 4, Шведска 4, Словенија 4, Хрватска 4, Швајцарија 1, Унгарија 1 бод.


































