Специјалниот претставник на Кремљ, Кирил Дмитриев, денеска изјави дека повлекувањето на Украина од регионот Донбас е патот кон мир.
– Повлекувањето од Донбас е патот кон мир за Украина – напиша Дмитриев на мрежата „Икс“.
Претходно, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека украинските вооружени сили мора да го напуштат Донбас и дека тоа е важен услов за руската страна.
Русија контролира речиси 90 проценти од регионот Донбас, а рускиот претседател Владимир Путин постојано повторува дека ако Украина не се откаже од остатокот, тогаш Русија ќе го земе со сила – објавија британските медиуми.
Најтешката точка за време на разговорите меѓу американската, руската и украинската делегација во Абу Даби во петокот и саботата беше територијалното прашање, а меѓу другото, беше разговарано и за создавање тампон-зона – објавува рускиот портал „Фонтанка“.
Трилатералните преговори меѓу САД, Русија и Украина ќе продолжат в недела, 1 февруари, во Абу Даби – објави порталот „Аксиос“ повикувајќи се на изјава од американски функционер.


































