При создавањето на Советот за мир, американскиот претседател Доналд Трамп и САД го заборавија основниот принцип дека „никој не може да му пренесе на другиот повеќе права отколку што самиот поседува“! Организацијата создадена со мировен пакт (договор) не ги вклучува тие држави што имаат одредени права на оваа територија, а тие се пред сè Палестина и евентуално Израел (барем кога се работи за територијата на поранешната Палестина). Без овие две земји, бесмислена е меѓународната организација со цел зачувување на регионалниот мир на подрачјето на Газа (односно „Палестина“ дури и не се спомнува, а и Израел не ја признава!). Од самиот состав на организацијата се гледа дека државите членки се сателитите на САД и дека оваа таканаречена меѓународна организација всушност нема цел да воспостави мир, туку да обезбеди финансирање на наметнатиот мир од повеќе други држави според интересите на само една водечка членка! Понатаму, од договорот гледаме дека Трамп ќе биде доживотен претседател на Советот за мир и дека оттаму сите други држави членки ќе бидат де факто извршители на американската (Трамповата) волја, без да се земе предвид интересот на палестинскиот народ, па дури ниту волјата на Израел, кој не е претставен непосредно во оваа организација. Имено, оваа таканаречена организација ги нема основните овластувања да дејствува во овој регион (Палестина) и претставува исклучиво интерес на една голема сила, која не дејствува според основното начело на ООН: „Суверена еднаквост“! Од друга страна, од документите на ООН како неопходен услов за создавање на една меѓународна организација не се подразбира само склучување меѓународен мултилатерален договор (поточно меѓудржавен договор) и постојана администрација, туку и дејствување според основните начела на меѓународното право, како што е принципот на суверена еднаквост и територијалниот суверенитет, па и другите основни начела: политичката (суверена) независност и немешањето во внатрешните права, кои се во строгата внатрешна надлежност на една држава (имено, според мнозинството држави на ООН, Палестина е држава, која покрај овој факт е претставена во определени тела и во ООН). Пред сè, меѓународното право се крши од оваа таканаречена меѓународна организација кога се работи и за правото на палестинскиот народ и нацијата за самоопределување! Имено, со самото создавање на меѓународната организација Совет за мир од страна на Трамп, на Палестинците и на нивната држава им се ускратуваат сите суверени права, вклучително и правото на самоопределување! Не е случајно што истиот ден кога се создаваше новата мировна организација, Путин го повика во Москва палестинскиот претседател, со што му испрати одговор на Трамп во врска со поканата упатена до Русија таа да им се приклучи во Советот за мир. Со другите зборови, лично мислам дека оваа меѓународна организација ги нема неопходните квалитети да се смета за „меѓународна организација“ бидејќи истата таа не оперира според непристрасните јасно утврдени правила и принципи на меѓународното право и Повелбата на ООН! Сите регионални договори, според Повелбата на ООН, мора да бидат во согласност со овој основен акт. Кусо кажано, се работи за квази-организација за промоција на интересите на само една голема сила, односно интересите на приватниот капитал со цел трошоците за обновата на Газа да не ги сноси само САД (или само зетот на Трамп, Кушнер), туку да бидат префрлени на дваесетина други држави (гласачи во оваа тело, под американската диригентска палка).
Со оглед на погоре искажаното, Советот за мир е само една нова лакрдија на Трамп што по секоја цена сака да прикаже како САД, и покрај поразот во Украина, сè уште ја имаат улогата на глобален хегемон и дека како такви и натаму се прашуваат за сè на сите континенти и генерално за секоја точка во светот. Но дали е тоа така набрзо ќе видиме. Советот за мир може да има некое значење само доколку Франција, Германија, Израел и Британија влезат во оваа таканаречена организација! За мене е очигледно дека ова тело не може да го замени ООН (како што сакаат да го претстават тоа извори од САД), пред сè бидејќи големите сили како Кина и Русија нема да влезат во оваа „организација“.
Игор Јанев

































