Министерот за правда Игор Филков на денешната прес-конференција говореше за актуелните состојби во правосудниот систем, истакнувајќи дека Министерството веќе работи на утврдување на реалната состојба на терен и подготвува конкретни мерки за надминување на системските слабости.
-Во изминатиот период, јавноста беше сведок на настани и случаи кои дополнително ја засилија загриженоста околу интегритетот, одговорноста и функционирањето на судството и обвинителството. Таквите појави не смеат да се релативизираат, ниту да се игнорираат – рече Филков.
Тој посочи дека долготрајното нерешавање на предметите за висока корупција и отсуството на институционален одговор за очигледни сомнежи ја рушат довербата во системот.
-Кога предмети за висока корупција стојат со години без разрешница и кога очигледни сомнежи не добиваат институционален одговор – тогаш граѓаните со право прашуваат: каде е правдата? – рече министерот.
Како особено алармантен пример, министерот го наведе случајот со апелациониот судија кај кого беа пронајдени 350 илјади евра заѕидани во ѕид.
-Тоа не е само скандал. Тоа е симбол на длабока системска слабост – симбол на култура на неказнивост, молк и меѓусебна заштита што предолго ја разјадува довербата во правосудниот систем – изјави Филков, додавајќи дека овој случај дополнително ја нарушува довербата во судството и ја доведува под прашалник функцијата судија „која треба да биде во служба и интерес на граѓаните, а не привилегија“.
Министерот укажа и на сериозните предизвици во работењето на обвинителството, меѓу кои недоволната ефикасност, ограничените капацитети и недостатокот на решителност во справувањето со најтешките облици на криминал.
-Истражувањата за перцепцијата на корупција покажуваат дека довербата во судството и обвинителството е сериозно нарушена. Таа доверба не може да се врати преку ноќ, ниту со една одлука – нагласи тој.
Додаде дека проблемите се системски и бараат долгорочни, темелни интервенции.
-Свесни сме дека без темелни и добро насочени реформи, ваквите појави ќе продолжат да се повторуваат. Затоа, Министерството за правда пристапи системски, со утврдување на фактичката состојба на терен и со преземање конкретни чекори – нагласи министерот.
Министерството за правда, како што најави Филков, ќе реагира на сите случаи каде што постојат индиции за злоупотреби, а слабостите во системот ќе бидат адресирани со соодветни институционални интервенции.

































