Фото: ЕПА

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска го критикуваше претседателот на Украина, Володимир Зеленски, поради неговиот говор во Давос, во кој, како што наведуваат од Будимпешта, „повторно ги зел на нишан унгарската влада и него лично“.

Меѓутоа, како што истакна Орбан во објава на социјалните мрежи, Зеленски го критикувал и „секој друг европски лидер“.

-Зеленски вели дека поддршката испратена до Украина е недоволна, оружјето е недоволно и дека одлучноста на Европа е недоволна. Не моравме долго да чекаме на одговорот од Брисел. Синоќа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен претстави мапа на патот за развој на Украина. Во неа Брисел го прифати секое украинско барање – 800 милијарди долари за Украина, забрзано пристапување во ЕУ до 2027 година и понатамошна поддршка сè до 2040 година – наведе Орбан.

Тој рече дека Зеленски „поставил сè погрешно“, но дека Брисел е „желен да плати“.

-И за тоа ќе кажеме неколку зборови. Следува национална петиција со која можеме да испратиме јасна порака до Брисел: ние нема да плаќаме – заклучи Орбан.

Зеленски во своето вчерашно обраќање на Светскиот економски форум во Давос, меѓу другото, своите ставови ги илустрираше со споредба со филмот „Денот на мрмотот“, велејќи дека Европа, исто како јунакот од филмот, „ги повторува истите зборови“ без промена во дејствувањето, и покрај изминатата година и повторените апели дека „Европа знае како да се брани“.