Рускиот претседател Владимир Путин по денешниот разговор со палестинскиот претседател Махмут Абас во Москва изјави дека Русија е подготвена да испрати една милијарда долари до Одборот за мир за Газа за поддршка на палестинскиот народ.
На прес-конференцијата, Путин рече дека претходно веќе се водени разговори со САД за префрлање на замрзнатите руски средства во тој износ, до Одборот за мир за Газа, предводен од американскиот претседател Доналд Трамп, пренесоа руските медиуми.
– Префрлањето на средства до Одборот за мир од замрзнатите руски средства е сосема можно – рече Путин.
Рускиот претседател оцени дека само целосното функционирање на палестинската држава може да доведе до решение на Блискиот Исток, како и дека односите меѓу Русија и Палестина имаат длабоки корени и се од посебен карактер и дека Русија е задоволна од продолжувањето на контактите со Палестина.
Путин рече дека трендот на зголемување на трговијата меѓу Русија и Палестина е „очигледен“, како и дека ставот на Русија кон решението на Блискиот Исток не е опортунистички.
За време на разговорот со Путин, палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека Русија е голем пријател на Палестина и дека израелската окупација води кон уништување во Појасот Газа.
Абас рече дека Палестина се спротивставува на обидите за преселување на Палестинците надвор од нивната територија, и притоа оцени дека Русија историски ја поддржува Палестина и дека финансиската помош од Москва е од големо значење.
– Она што ни треба е мир и се надеваме дека со вашата поддршка ќе го постигнеме тоа – рече Абас на средбата со Путин.
































